• недела, 24 ноември 2024

ГОБ „8 Септември“ доби софистицирани медицински апарати од Јапонската амбасада во Скопје

ГОБ „8 Септември“ доби софистицирани медицински апарати од Јапонската амбасада во Скопје
Скопје, 31 август 2022 (МИА) - Заокружени се два значајни проекта финансирани преку јапонската Програма за мали грантови (GGP) чија вредност е околу 160 илајди евра. Во ГОБ „8 Септември“ од денеска пациентите со кардиоваскуларни заболувања ќе имаат можност за дијагностика и лекување со новиот дигитален подвижен ангеограф на одделот за кардиологија во вредност од околу 100 илјади евра, информира министерот за здравство Беким Сали кој присуствуваше на настанот за предавање на медицинските апарати од Јапонската амбасада на оваа болница. Тој посочи дека станува збор за значајна донација со која според проценките двојно ќе се зголеми капацитетот за кардиолошки процедури во оваа здравствена установа. - Во врска со новиот ангеограф, голема благодарност до Јапонската амбасада иако програмата за грант изнесуваше околу 80 илјади евра со нивни напори се надмина тој лимит и се овозможи таква една напредна апаратура и опрема да биде достапна за нашиот народ. Значајни се и придобивките од инсталирањето на дигиталниот ехо апарат на одделот за интервентна радиологија за дијагностика на пациенти со канцерогени заболувања на внатрешни органи во вкупен износ од 61 илјада евра, рече Сали. Во текот на изминатата година, како што информира тој, се извршени околу 800 комплексни интервентни процедури и 2000 ехо прегледи. - Преку јапонската програма за мали грантови досега се финансирани над 60 проекти во здравствениот сектор во вредност од над три милиони евра во медицинска опрема, реновирање клиники, возила за брза помош и друго. Јапонија во последните две години во јавните здравствени установи донираше медицинска опрема во вредност од 813 илјади евра како итна помош за Ковид 19, нагласи Сали. Јапонскиот амбасадор во земјава Хиронори Савада појасни дека Јапонија на ГОБ „8 Септември“ и донираше дигитален ехо апарат од брендот „Канон“ за одделот интервентна кардиохирургија и за одделот кардиологија. - Кардио болестите и ракот се меѓу главните причини за морталитет во Северна Македонија. Јапонскиот народ е среќен и горд што му помага на македонскиот народ да има подобри здравствени услови. Тоа го правиме во рамки на јапонската програма GGP. Од 1996 година Јапонија поддржа проекти во секторот здравство, образование и животна средина во Северна Македонија. Досегашната јапонска поддршка изнесува вкупно 8,5 милиони евра за 171 GGP- проект. Во рамки на иницијативата Западен Балкан, Јапонија е силно посветена да ја поддржи Северна Македонија во социјалниот и економскиот развој што е многу важно за евроинтеграцијата. Се надевам и во иднина ќе можеме да го поддржиме здравствениот сектор и неговите капацитети, рече Савада. Директорот на болницата Христијан Костов се заблагодари за донацијата и нагласи дека станува збор за многу софистицирана медицинска опрема со што ГОБ „8 Септември“ станува доста модернизирана во тие две области. - Голема благодарност до Јапонската амбасада која овозможи таква софистицирана апаратура да дојде кај нас и да се овозможи да се вршат тие многу прецизни интервентни кардиолошки и интервентни радиолошки процедури за сите граѓани во нашата држава. Со тоа, редот на чекање се намалува, здравствената заштита и квалитетот се зголемува и ќе нема потреба од соодветни мислења надвор од државата или во некои други медицински установи, нагласи Костов. Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Сали рече дека во март е потпишан договор со три компании за набавка на три ангеографи во државата и кои би требало веќе да се инсталираат. Тоа, како што рече, се три институции кои работат интензивно во радилогија, крадиологија и клиничката болница во Штип. Нагласи дека постојано инвестираат во опрема и оспособување на капацитети за пружање на квалитетна здравствена заштита. мс/лв/      

Остани поврзан