• петок, 27 декември 2024

„Глобал“ по расчистувањето на остатоците од пожарот

„Глобал“ по расчистувањето на остатоците од пожарот
Струмица, 15 јануари 2021 (МИА) - Пепел, мирис на изгорено, црнило, вода, слики како од апокалиптични филмови, можат да се видат и два дена по расчистувањето на остатоците на пожарот во трговскиот центар „Глобал“ во Струмица, кој избувна на 2 јануари годинава и пеплоса поголем дел од овој објект. Денес сликата од „Глобал“ е „пожива“, бидејќи повеќе екипи на ЈПКД „Комуналец“ и други компании работат во внатрешноста на миење на површините и отстранување на изгорената електрична инсталација. Сопствениците на продавниците, кои не претрпеа поголеми штети, ги чистат црнилата од чадот. Според Бранко Ѓоргиев од струмичкото комунално претпријатие, денеска се мијат столбовите и од нив се отстрануваат остатоците од огнот. - И во наредните денови ќе продолжиме со миење и чистење на сите површини за да се подготват за санација и изведување на градежни работи. Работиме според утврдената динамика и благодарение на ангажманот на нашите работници, но и на повеќе компании кои несебично помагаат со работна рака и механизација, се надевам дека во планираниот термин ќе ја завршиме и оваа фаза од отстранувањето на штетите од пожарот, рече Ѓоргиев. Од денес за сообраќај е отворена и улицата позади „Глобал“, преку која се изнесуваа остатоците од пожарот. Минувачи, кои ѕиркаа во внатрешноста, со неверување гледаа во остатоците и никако не можеа да ја спојат сликата кога секојдневно тука пазаруваа и купуваа. - Не можам да поверувам дека толку е уништено. Страшно било. Ова е за неверување. Се надевам дека набргу пак ќе доаѓаме тука да пазаруваме, рече еден постар струмичанец. Од „Глобал“ се извадија околу 370 тони најразличен отпад, а во пожарот, кој избувна ноќта на вториот ден од оваа година, опожарен е голем дел од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, дел од вториот и третиот, а урнат е и дел од покривот. Ристо Тасев

Остани поврзан