• среда, 13 ноември 2024

Глобално пад на новозаболени од КОВИД-19, стабилна состојба и во Северна Македонија

Глобално пад на новозаболени од КОВИД-19, стабилна состојба и во Северна Македонија
Скопје, 8 август 2022 (МИА) - По летниот пораст, сега се бележи тренд на опаѓање на новозаболени од КОВИД-19 на светско ниво. Според неделната статистика на Ворлдметерс во изминатите седум дена, глобално се бележи пад на новозаболените од 17 проценти, во однос на претходната седмица. За 11 отсто е намален и бројот на починати. Во  Европа минатата недела имало за 29 проценти помалку ковид-случаи, во Северна и Јужна Америка за 27 отсто, во Азија за два процента, Африка за 49 отсто и Австралија и Океанија за 24 проценти. Пад на новозаболени на неделно ниво има во повеќето европски земји, вклучувајќи ја и Северна Македонија со 23 отсто помалку случаи во однос на претходниот седумдневен период. Раст на ковид бројките е евидентиран во Босна и Херцеговина, Летонија, Литванија, Полска, Русија, Србија, Унгарија и Шпанија. Минатата недела Комисијата за заразни болести одржа состанок, на кој што заклучи дека земјата е во фаза на широка трансмисија со соодветни капацитети за одговор, а во такви услови нема потреба од нови ковид-мерки. КЗБ апелираше на одговорно однесување и почитување на актуелните мерки. – Останува препораката за сите граѓани, а особено за граѓаните кои спаѓаат во ризични групи за потежок тек на болеста да се придржуваат до сите потврдени епидемиолошки мерки за заштита од инфекција, како често и темелно миење или дезинфицирање на раце, избегнување на гужви и престој во затворени и непроветрени простории и носење на заштитни маски, како и придржување до препораките за вакцинација против Ковид-19, апелираше Комисијата. Во моментов, согласно податоците од Институтот за јавно здравје има 4.218 активни случаи на коронавирусот. Најголем број се од Скопје - 1700, додека во Дојран, Демир Капија, Делчево, Македонска Каменица и Македонски Брод има едноцифрен број на активни случаи. Пехчево е единствен град во земјава без активни случаи. Здравствените власти во земјава и во светот, сепак, укажуваат на внимателност поради можното повторно влошување на епидемиолошка состојба наесен. Некои од земјите во регионот како Бугарија и Црна Гора одлучија да го вратат задолжителното носење заштитна маска во затворен простор. Грчките здравствени власти не планираат нови рестриктивни мерки, но велат дека се ќе зависи од ситуацијата наесен. Тие сакаат КОВИД-19, иако останува пандемија, да го третираат како ендемично заболување, „каде нема да има потреба од строги или задолжителни мерки“. Германската влада, пак, соопшти дека некои основни ограничувања ќе останат во сила во текот на претстојната есен и зима, кога експертите очекуваат пораст на случаите со КОВИД-19 бидејќи луѓето поминуваат повеќе време во затворени простории. Досега во светот регистрирани се околу 590 милиони случаи на коронавирусот, починати се 6,5 милиони лица, а активни се 22,5 милиони случаи. Во Северна Македонија вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 330.755, бројот на оздравени е 317.149, а на починати е 9.388. ки/са/        

Остани поврзан