• четврток, 09 април 2026

Глобалната воздухопловна индустрија влегува во најтешката криза од пандемијата

Глобалната воздухопловна индустрија влегува во најтешката криза од пандемијата

2 Април 2026

„Хина“

Затворањето на Ормуската Теснина поради војната меѓу САД, Израел и Иран го преполови глобалното снабдување со нафта, а авиопревозниците се соочуваат со парадокс што би можел да ја преобликува индустријата каква што ја познаваме - горивото стана многу скапо, а покачените цени на билетите ја задушуваат побарувачката, која би требало да ја спаси.

Цената на млазното гориво во февруари изнесуваше речиси 96 долари за барел. До 20 март таа скокна на 197 долари - повеќе од двојно за еден месец. Дури ни за време на избувнувањето на војната во Украина во 2022 година млазното гориво не достигна таков врв.

Тој скок директно се претвора во огромни трошоци: полнењето „боинг 737-800“, кое на 27 февруари чинеше приближно 17.000 долари, една недела подоцна чинеше повеќе од 27.000 долари.

Според „Бизнис-инсајдер“, дваесетте најголеми авиокомпании изгубија речиси  53 милијарди долари од својата пазарна вредност од почетокот на војната.

Пред да почне конфликтот, воздухопловната индустрија предвидуваше рекордни профити од 41 милијарда долари за оваа година. Извршниот директор на „Јунајтед ерјланс“, Скот Кирби, најави откажување на речиси пет отсто од планираните летови во првата фаза.

„Реалноста е таква што цените на млазното гориво се повеќе од удвоени во последните три недели, а не знаеме како сето тоа ќе се развива“, им напиша тој на вработените. Доколку високите цени потраат, годишните трошоци на компанијата ќе пораснат за милијарди долари.

Совршена бура

Ригас Доганис, претседател на „Ерлајнс менаџмент груп“, вели дека се плаши оти многу компании нема да може да ја издржат ситуацијата.

„Авиокомпаниите се соочуваат со егзистенцијален предизвик. Ќе мора да ги намалуваат цените за да ја поттикнат ослабената побарувачка, а повисоките трошоци за гориво ги туркаат кон зголемување на цените. Совршена бура“.

Аналитичарите на Дојчебанк одат уште подалеку: „Без краткорочно олеснување, авиокомпаниите во светот би можеле да бидат принудени да приземјат илјадници авиони, а финансиски најслабите превозници би можеле целосно да ги запрат операциите“.

Не е прашање само цената, туку и физичката достапност на горивото. Патрик Пујане, извршен директор на „Тотал енерџис“, предупреди дека недостигот веќе се шири од Азија кон Европа: „Кризата почнува навистина да ги погодува купувачите. Сè ќе зависи од тоа колку долго ќе трае овој конфликт. Би можеле да имаме многу, многу драматични последици“.

За европските патници, кои планираат летување, пораките се загрижувачки. Кентон Џарвис, извршен директор на „Изиџет“, предупреди: „Сигурен сум дека летаме уште една-две недели. Веројатно и три. Дали сум сигурен и за четири недели? Никој не може да ми каже на што можам да сметам, а летото ни е пред врата“.

Поскапи билети

Аналитичката компанија ОАГ (OAG) објави дека глобалните цени на билетите во првите два месеца од 2026 година се веќе за 24 отсто повисоки во споредба со истиот период од претходните години. На популарните туристички рути патниците може да очекуваат зголемување на цените од 10 до 20 отсто, а најизложени се оние што купуваат билети непосредно пред летот.

Американскиот претседател Доналд Трамп им порача на земјите што не сакаат да му се приклучат во борбата против Иран дека „не може да добијат млазно гориво поради Ормуската Теснина“ и да „одат да си набават сопствена нафта“.

Европските одговори се нерамномерни. Многу држави ги намалуваат давачките за гориво или одредуваат фиксни цени во кои преземаат дел од трошокот. ЕУ во моментот ги разгледува општите мерки за енергетската криза, но тие не се дизајнирани посебно за авиокомпаниите.

Европската комисија им сигнализира на државите членки да се подготват за долготрајни нарушувања на пазарот на енергија и размислува за повторно воведување на алатките од 2022 година, како што се ограничување на цените на енергијата или намалување на даноците. Енергетскиот комесар Дан Јоргенсен отиде чекор подалеку со контроверзниот предлог Европејците помалку да патуваат и поретко да летаат за да се заштеди гориво.

Воздухопловната индустрија ги преживеа нафтените кризи од 70-тите, колапсот по 11 септември и пандемиското запирање во 2020 година. Секојпат успеваше да се приспособи.

Оваа криза се разликува по својот размер и сложеност: рутите се блокирани, горивото е оскудно, а сметките веќе пристигнуваат.

За европскиот турист кој планира да оди на летување со авион, пораката е јасна - билетите ќе бидат поскапи, летови ќе има помалку, а крајот на неизвесноста е далеку.

Фото: ЕПА

Остани поврзан