• четврток, 19 декември 2024

Глигорова: Постојано се јакне капацитетот за стрес-тестирање на банките

Глигорова: Постојано се јакне капацитетот за стрес-тестирање на банките

Скопје, 11 април 2023 (МИА) - Народната банка постојано вложува ресурси во јакнењето на сопствениот капацитет, но што е уште поважно и во капацитетот на банките за стрес-тестирање. Toa e една од главните алатки за утврдување и управување со ризиците и ранливостите во профилот на ризик или деловниот модел на банките. Тие не се само една вежба којашто треба да ја вршат банките заради исполнување на обврските пропишани од регулативата или супервизорите. Банките треба да спроведуваат низа различни стрес-тестирања, покривајќи низа различни сценарија, земајќи ги предвид врските меѓу одделните ризици и условите на пазарот. Најважно е банките потоа да ги искористат резултатите од стрес-тестирањето. Ова го истакна Викторија Глигорова, генералната директорка на Секторот за супервизија во Народната банка, во интервју за електронскиот билтен на Македонската банкарска асоцијација.

Говорејќи за потребата од редовно вршење стрес-тестирање од страна на банките коешто супервизорите го користат како една од алатките за оцена на отпорноста на банките на различни шокови, Глигорова се осврна на Базелските принципи за ефикасна банкарска супервизија, нагласувајќи дека „со нив се  укажува дека е потребно стрес-тестирањето да биде составен дел од целокупната култура на управување, вклучително и управувањето со ризиците во банките, а резултатите од стрес-тестирањето треба да влијаат врз донесувањето одлуки, вклучително и врз стратегиските деловни одлуки на највисоко ниво.“

Генералната директорка на Секторот за супервизија истакнува дека банките го вградуваат стрес-тестирањето во системот за управување со ризиците, бидејќи укажува на можните негативни исходи од изложеноста на банките на различни ризици и им дава информации на банките и супервизорите за финансиските ресурси коишто би биле потребни за да се апсорбираат загубите доколку се случат такви шокови. 

-Во следниот период една од областите во кои ќе бидеме насочени е стрес-тестирањето поврзано со „зеленото финансирање“, што секако е во согласност и со тековните напори на ова поле на меѓународно ниво, додава Глигорова. лв/нд/

Остани поврзан