• сабота, 28 декември 2024

„Гласен Текстилец“ преку врснички едукатори ги едуцира средношколците за нивните права

„Гласен Текстилец“ преку врснички едукатори ги едуцира средношколците за нивните права
Штип, 25 ноември 2022 (МИА) - Здружението „Гласен Текстилец“ веќе четврта година по ред одржува едукации за младите средношколци од трета и четврта година поради потребата да ги знаат нивните права, но и обврски пред првиот работен однос. Кристина Ампева од Здружението „Гласен Текстилец“ вели дека средношколците веќе четири години се стекнуваат со знаење за нивните права и обврски од работен однос, но и да препознаваат дискриминација, како и да ги знаат и се заштитат од врсничко насилство или пак како што вели понатаму, како да се соочат со мобинг на работно место. -Изминатите три години овие едукации се одржуваа во Штип и неколку градови од источниот регион преку надворешен експерт кој беше ангажиран од страна на Здружението. Но, оваа година концептот е сменет, сега ова е врсничка едукација, односно, средношколци кои изминатиот период беа обучени за овие теми од страна на правничката вработена во здружението, беше направена презентација и материјали и ги добија потребните знаења кои сега ќе ги споделат со нивните врсници, вели Ампева. Таа нагласи дека како Здружение сметаат оти младите можат најмногу да научат и се вклучат ако меѓу себе го споделуваат знаењето кое го стекнале. Особено за теми кои ги засегаат, бидејќи околу нив постои врсничко насилство. -Овие средношколци понатаму ќе бидат вработени, а ова се некои основи и знаења што значи договор, право на одмор, на пауза, плата, додатоци, но и заштита и спречување на дискриминација и мобинг на работно место. Оваа година се планирани врснички едукации во средните училишта во Штип, Кочани, Виница, а за првпат имаме врснички едукатори и од Вардарскиот регион, поточно Кавадарци. Едукациите ќе се спроведуваат во текот на ноември и декември. Овие активности се одржуваат под мотото „Ги Знам Своите Работнички Права Ја Знам Својата Моќ,“ а се дел од проект финансиски поддржан од Меѓународниот центар Олоф Палме и Шведската Влада. вдј/ир

Остани поврзан