• среда, 25 декември 2024

„Глаксо Смит Клајн“ поднесе тужба против Фајзер и БиоНТек

„Глаксо Смит Клајн“ поднесе тужба против Фајзер и БиоНТек

Лондон, 26 април 2024 (МИА) - Британската фармацевтска компанија „Глаксо Смит Клајн“ („GlaxoSmithKline“) вчера поднесе тужба до федералниот суд во Делавер против американскиот Фајзер (Pfizer) и германскиот БиоНТек (BioNTech), тврдејќи дека тие ги прекршиле нејзините патенти за технологијата на гласникот RNA (mRNA) во вакцините против Ковид-19.

-Вакцините на Фајзер и БиоНТек ги прекршуваат иновациите на „Глаксо Смит Клајн“ заштитени со патент во mRNA вакцините, развиени повеќе од десет години пред пандемијата на Ковид-19, се вели во тужбата.

Се додава дека „патентите ја покриваат технологијата за пренос на нестабилни гласнички РНК во човечки клетки, која научниците почнаа да ја развиваат во 2008 година, а компанијата стана сопственик кога го купи бизнисот со вакцини на Новартис (Novartis) во 2015 година“.

Британската компанија бара парична отштета од Фајзер и БиоНТек, вклучително и такси за патент, без да наведе износ.

Портпаролката на Фајзер во соопштението нагласи дека компанијата е „сигурна во својата позиција во однос на интелектуалната сопственост и дека има намера „енергично да се брани“ од тврдењата на британската компанија. Портпаролот на БиоНТек одби да ја коментира тужбата.

Портпаролот на „Глаксо Смит Клајн“ рече дека компанијата верува дека нејзините патенти „ја обезбедуваат основната технологија што се користи во mRNA вакцините на Фајзер и БиоНТек против Ковид-19. Компанијата е „подготвен да ги лиценцира овие патенти под комерцијално разумни услови за да обезбеди пристап“ до вакцините.

Фајзер, БиоНТек и Модерна веќе поднесоа низа тужби пред американските судови, оспорувајќи ги авторските права за патенти за технологијата што се користи во вакцините. мс/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан