• четврток, 26 декември 2024

Главчев: Скопје и Софија треба да работат на намалување на тензиите 

Главчев: Скопје и Софија треба да работат на намалување на тензиите 

Вашингтон, 10 јули 2024 (МИА) - На вчерашната средба со македонскиот премиер Христијан Мицкоски разговаравме за потребата од нормализација на меѓусебните односи и за нивно враќање на нивото од 2017 година кога беше потпишан Договорот за добрососедство, изјави бугарскиот премиер Димитар Главчев пред почетокот на денешното продолжение на Самитот на НАТО во Вашингтон.  

- Двајцата бевме на тоа мислење, па ќе видиме што ќе се случи. Нема ништо подобро од убави и добри односи меѓу соседи. Може дури и да се каже дека ние сме и повеќе од соседи со Република Северна Македонија, додаде Главчев. 

Бугарскиот премиер истакна дека треба да се намалат тензиите во меѓусебните односи, пред се во изјавите, бидејќи меѓу граѓаните и народите на двете соседни земји нема тензии, а политичарите ако не помагаат да се развиваат тие односи, не треба ни да ги попречуваат. 

Според него, кога соработката ќе биде на задоволително ниво треба да почне да се развива и поврзувањето во сите аспекти, како во транспортот, економијата...

- Но, треба да се исполнат и обврските кои што се преземени. Тука не говорам само за Северна Македонија, туку и за сите земји од Западниот Балкан. Гледате дека не ги делиме. Нашата позиција е и европската позиција дека сите држави кандидати за членство во ЕУ треба да ги исполнат барањата што им се поставени, додаде Главчев. сп/са/

Фото: Скриншот

Остани поврзан