• вторник, 19 ноември 2024

Гир: Иницијативите за референдум и промената на Уставот се суверена одлука на државата, фокусот да биде ставен на реформите

Гир: Иницијативите за референдум и промената на Уставот се суверена одлука на државата, фокусот да биде ставен на реформите
Скопје, 19 октомври 2022 (МИА) - Иницијативите за референдум и прашањето за промена на Уставот се суверена одлука на земјата, вели евроамбасадорот Дејвид Гир, но порачува фокусот да биде ставен на реформите. - Прашањето за менување на Уставот или за референдум е суверена одлука, не сакам да кажувам што треба да биде направено или не, тоа не е моја работа, но фокусот треба да биде ставен на реформите. Подобро е да се фокусирате на реформите, на нивното усвојување и обезбедување на нивна имплементација отколку да се посветите на други иницијативи кои би можеле да значат чекор назад, рече Гир во вечерашното гостување во централниот дневник на телевизија „Сител“. Според Гир, добрососедските односи се клучен елемент во пристапниот процес и тоа, како што вели, се однесува на сите земји, а дискусиите за историјата се прашања кои билатерално треба да се решат меѓу две земји. Во однос на обедувањето на власта и опозицијата за носењето на измени на Законот за формирање на граѓански здруженија, Гир со став дека сето тоа мора да биде усогласено со меѓународните стандарди. - Вообичаено не коментирам предлози за промени во законите и јавно тоа не е моја работа. Она што е важно, е што и да се направи, тоа мора да биде усогласено со меѓународните стандарди, порача Гир. Прашан дали има гаранција дека нема да има ново вето од Бугарија, евроамбасадорот рече дека процесот на проширување е комплексен процес и дека има многу точки во кои одлуките се носат со консензус, односно едногласно. - Тоа се однесува на секој процес на проширување, тоа е и за Црна Гора, Србија, Албанија и за Северна Македонија. Нема разлика од друг случај, иако овде имаме специфична преговарачка рамка, но тоа не се менува. Дали тоа значи дека процесот може да биде блокиран? Секако дека може да биде блокиран од една членка, но важното е дали земјата ќе биде блокирана затоа што не напредувала доволно брзо со реформите. Тоа треба да биде критериумот, а не вонредни прашања кои не се релевантни за овој процес, истакна Гир. Францускиот предлог, според Гир, е позитивен чекор кој веќе дава и позитивни резултати како што е Фронтекс договорот којшто се очекува да биде потпишан следниве недели. -Ги разбирам дел од фрустрациите и грижите на луѓето. Тие беа загрижени за тоа дали овој процес значи дека идентитетот е поткопан, дали значи дека историјата е во прашање. Разбирам дека генерално луѓето беа загрижени, но одговорот на тоа е кога ќе ги погледнете другите пристапни преговори кои беа спроведени во Словенија, Хрватска и во многу други земји. Никогаш не се барало откажување од националниот идентитет. Со приклучувањето во ЕУ, оваа земја ја зацврстува својата стабилност, демократија, напредок заедно со националниот идентитет, рече евроамбасадорот Гир. Најави дека претседателката на Европската комисија наскоро ќе дојде во Скопје, без притоа да открие повеќе детали. бак/    

Остани поврзан