• среда, 25 декември 2024

Гимназијалки од Куманово освоија трети места на европска олимпијада по англиски јазик

Гимназијалки од Куманово освоија трети места на европска олимпијада по англиски јазик

Куманово, 27 мај 2024 (МИА) - Ученичките Ива Пешевска и Мила Смилевска од кумановската гимназија „Гоце Делчев“ освоија две трети награди на Европската олимпијада по англиски јазик „Hippo English Language Olympiad“ коешто се одржа од 21 до 23 мај годинава во Лидо ди Јесоло. Двете ученички се втора година, Пешевска се натпреваруваше во категорија „4“, додека Смилевска во категорија „5“. На квалификациите одржани во Лидо ди Јесоло имало 26 претставника од државата, но само кумановките освоиле награди.

- Единствено Мила и Ива се закитија со награда. Чувството е неверојатно, ова е огромен успех за нив лично, но и за мене како ментор и за нашето училиште и град Куманово. Гимназија „Гоце Делчев“ се гордее со нив, како училиште секогаш пружаме поддршка за вакви талентирани ученици. Сега малку одмор и ќе почнеме со подготовките за идната сезона на натпревари. Тие се извонредни и на државно ниво, учествуваат и земаат награди и на натпреварите организирани од ЕЛТАМ. Инаку се прекрасни ученички, исполнителни и трудољубиви. Љубопитни се да ги следат сите новости во англискиот јазик, а кој брзо се менува во денешното време на севкупна поврзаност на интернет, па тоа им е предизвик плус. Навистина е задоволство да се работи со вакви млади луѓе, изјави Елена Марковска, наставник по англиски јазик СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ .

Ученичката Мила Смилевска рече дека подготовките за Хипо натпреварот се континуирани и траат со години, бидејќи англискиот јазик е материјал кој не може да се научи оддеднаш.

-Тестовите беа креативни и имаа своја тежина со цел да го искажеме нивото на познавање на англискиот јазик. Бидејќи ова беше натпревар од европски ранг, секако дека постоеше трема, но брзо ја надминав поради тоа што ова ми беше третото учество на Хипо ЕК натпревар. На овој натпревар имаше многу учесници од цела Европа и сум задоволна со својот резултат, бидејќи да се биде трето место на Хипо 5 е голем успех. Планирам да продолжам со учество во натпреварите по англиски јазик, бидејќи сметам дека достојно ја претставувам нашата држава, Македонија, рече Мила Смилевска.

Гимназијалката Ива Пешевска посочи дека и е чест што ја претставува државата.

- Ова е моето прво учество на европско ниво, но сега се чувствувам подготвено и мотивирано да учествувам пак. Мојата желба е уште повеќе да го проширам познавањето на англискиот јазик и да запознам мои врсници од Европа и светот, вели Пешевска.

Глобалната асоцијација HIPPO е непрофитна организација основана во 2012 година со цел да ја промовира важноста на познавањето на англискиот јазик и има за цел да ги зближи децата од различни земји, како и да ја подобри соработката помеѓу наставниците. Hippo „English Without Borders“ Олимпијадата е меѓународна олимпијада која е отворена за ученици од 6 до 19 години од целиот свет.

Оваа година се одржа по 12 пат, натпреварувањето има неколку фази, прелиминарна а потоа финале на државно ниво во кое се квалификуваат само оние во врвните десет проценти од покажаните резултати во прелиминарната рунда. Тогаш учениците се упатуваат на регионални квалификации, во наш случај тоа се европските, кои се одржуваат во месец мај во Лидо ди Јесоло, Италија.

- Победниците од секоја рунда потоа се дел од Светското финале за кое се надеваме да бидеме дел набрзо. Инаку лани Хипо имаше 83.295 кандидати на глобално ниво во сите категории, за оваа година немам информација, појаснува професорката Марковска.

Тестовите се подготвени по категории според возраст, а врз основа на заедничката европска референтна рамка за јазици (CEFR). Согласно на ова подготвени се и материјалите. Во тестовите се запазува познавањето на вештините читање со разбирање, практична примена на јазикот (вежби за граматика и вокабулар), пишување, во финалето и говорење т.е. интервју. ам/дма/


Фото: Гимназија „Гоце Делчев“ и МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан