Гил за случувањата околу Гренланд: ЕУ му дава приоритет на ангажманот, пред ескалацијата
- Во тек се интензивни консултации меѓу лидерите на ЕУ во однос на Гренланд, а и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта ја најави можноста за вонреден Самит оваа недела за да се разговара на оваа тема, изјави денеска заменикот главен портпарол на Европската комисија, Олоф Гил.
Брисел, 19 декември 2026 (МИА) – Во тек се интензивни консултации меѓу лидерите на ЕУ во однос на Гренланд, а и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта ја најави можноста за вонреден Самит оваа недела за да се разговара на оваа тема, изјави денеска заменикот главен портпарол на Европската комисија, Олоф Гил.
Тој потсети и на синоќешната порака на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен дека ЕУ цврсто стои во својата посветеност на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Гренланд и Данска, дека секогаш ќе ги штити своите стратешки економски и безбедносни интереси и дека ќе се соочи со овие предизвици преку европската солидарност со постојаност и решителност.
- Од консултациите меѓу лидерите, вклучувајќи ја и претседателката Фон дер Лајен, јасно е дека приоритет тука е на ангажманот, а не на ескалацијата и на избегнување на воведувањето царини, бидејќи тие на крајот ќе им наштетат на потрошувачите и бизнисите од двете страни на Атлантикот. ЕУ постојано го нагласува својот заеднички трансатлантски интерес за мир и безбедност на Арктикот, вклучително и преку НАТО, додаде Гил.
Запрашан дали можно воведување царини само за одделни земји членки на ЕУ, во услови кога таа функционира како единствен пазар и единствена царинската унија, Гил одговори дека технички тоа е можно, но административно и процедурално е „неверојатно сложено“ да се спроведе.
- Од царинска и оперативна перспектива е многу тешко одредени стоки да се припишат ексклузивни на една земја членка, со оглед на тоа што процесите на производство и трансформација често се дистрибуираат низ цела ЕУ, рече Гил.
Според него, доколку бидат остварени американските закани за воведување царини, Европската Унија има алатки на располагање и е подготвена да одговори со нив.
- Ќе направиме сè што е потребно за да ги заштитиме нашите економски интереси, потенцира Гил, додавајќи дека паралелно со консултациите меѓу европските лидери, продолжуваат и контактите со САД на сите нивоа.
Тој истакна дека понекогаш најодговорен пристап на едно одговорно лидерство е воздржаноста, па европското лидерство во наредните денови при справувањето со ова прашање ќе се води од тој принцип.
Според Гил, доколку сепак не биде постигнат договор и САД ги воведат најавените царини од 1 февруари, тогаш ЕУ ќе одговори со стапување во сила на реципрочни царински мерки од 7 февруари.
- Она што Комисијата сака да го постигне, е да се осигураме дека ќе се одржи максималното ниво на единство во солидарност во ЕУ, така што ќе бидеме во најсилната можна позиција да ги постигнеме саканите резултати, додаде Гил.
На прашање дали е предвидено Фон дер Лајен да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп за време на нивното учество на Светскиот економски форум во Давос, Гил одговори дека засега не му е познато оти е договорена таква средба.
- Не можам да ја исклучам можноста тоа да се случи, но во моментов нема план за таква средба, додаде Гил.
На прашање дали ЕУ е подготвена да ги стационира на Гренланд своите единици за брзо распоредување (РДЦ), Гил повтори дека засега не се донесени никакви одлуки и дека фокусот во моментов „е на ангажман, а не на ескалација“ и на обезбедување силна и единствена позиција на земјите членки.
Во однос на РДЦ, портпаролката на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер потврди дека тие се оперативни од мај минатата година, но дека за нивно распоредување на одредена локација потребна е одлука со консензус на сите земји членки на ЕУ.
Запрашана дали се планира состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на пред очекуваниот Самит на ЕУ в четврток, Хипер одговори дека високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас беше во контакт со шефовите на дипломатиите во текот на викендот, како и во текот на денов и дека ќе продолжи да контактира со нив. сп/
Фото: МИА Архива