Гил: ЕУ ќе одговори во соодветен момент на мерките од „Денот на ослободувањето“ на Трамп
- Секако дека имаме индикации од Американската администрација и ние сме во постојан дијалог со земјите членки, но додека не знаеме се со сигурност нема да навлегуваме во некоја анализа и секако нема да ја кажеме јавно. Треба само да почекате неколку часа и тогаш работите ќе почнат да се движат, додаде Гил.

Брисел, 2 април 2025 (МИА) - Европската Унија во соодветен момент ќе одговори на новите царини што се очекува вечерва да ги објави американскиот претседател Доналд Трамп, најави портпаролот на Европската комисија за економска безбедност, трговија, финансиски услуги и царини Олоф Гил.
Тој нагласи дека ЕУ прво ќе одговори на царините за увозот на челик и алуминиум во САД, а потоа ќе следи „заеднички кластер“ на одговори на сите останати американски мерки, вклучително и на оние за оцаринување на возилата и евентуалните „контрацарини“.
- Во моментов не можам да кажам ништо повеќе за ниту еден од одговорите, бидејќи првиот минува низ внатрешниот процес низ кој треба да помине, а вториот ќе произлезе по очекуваната објава од Вашингтон подоцна денеска, изјави Гил, додавајќи дека при тоа ЕУ секогаш на прво место ќе го има интересот на европските даночни обврзници.
Во врска со најавата од Париз дека ЕУ ќе одговори на американските царини „до крајот на април“ и ќе воведе контрацарини во висина меѓу 20 и 25 проценти, Гил изјави дека Франција не е таа што зборува во име на Европската Унија кога е во прашање заедничката политиката.
- Знам дека има секакви различни гласини и контрагласини за ова многу сериозно и сложено прашање, но ние секогаш сме на ставот да не зборуваме за бројки, додека не дознаеме колкави се тие. Секако дека имаме индикации од Американската администрација и ние сме во постојан дијалог со земјите членки, но додека не знаеме се со сигурност нема да навлегуваме во некоја анализа и секако нема да ја кажеме јавно. Треба само да почекате неколку часа и тогаш работите ќе почнат да се движат, додаде Гил.
Портпаролот на ЕК нагласи дека ЕУ направила проценка за потенцијалното влијание на американските мерки и дека ќе ги презентира во соодветен момент во наредните денови и недели.
- Секако, правиме проценки, правиме анализи и ги земаме предвид интересите на европската економија и во поконкретна смисла на секој сектор. Сега не е моментот за да ги презентираме, затоа што се уште не го знаеме целосниот опсег на штетите, но ќе ги објавиме во соодветниот момент и тоа ќе биде наскоро, рече Гил.
Тој додаде дека Унијата „во сите фази во оваа сага“ многу јасно стави до знаење дека нејзин приоритет се преговорите и дека сака да седне на маса со американските партнери за да се постигне договор со кој ќе се „избегне неизбежната болка од овие царини од двете страни на Атлантикот“.
- Во секој случај ќе продолжиме да се ангажираме на сите нивоа, со цел на нашите американски партнери да им ја презентираме потенцијалната штета врз нашите економии, но, исто така, и нашата подготвеност да најдеме решение од кое сите би можеле да имаат корист, додаде Гил.
Портпаролката на Белата куќа Каролајн Левит најави дека американскиот претседател Доналд Трамп денеска ќе ја започне „мајката на сите трговски битки“ со воведување нови царини кои „ќе означат почеток на златната ера“ за САД.
- Ограбувањето на Америка завршува, изјави Левит, нагласувајќи дека царините ќе стапат во сила „веднаш“.
Новите царини ќе бидат претставени доцна вечерва по средноевропско време, веднаш по затворањето на Њујоршката берза, во текот на, како што го нарече Трамп, „Денот на ослободувањето“. сп/
Фото: МИА Архива