• четврток, 26 декември 2024

Гил: ЕК е подготвена да посредува за надминување на последиците од одлуката на Киев за санкции кон „Лукоил“ 

Гил: ЕК е подготвена да посредува за надминување на последиците од одлуката на Киев за санкции кон „Лукоил“ 

Брисел, 23 јули 2024 (МИА) – Европската комисија останува подготвена да им помогне на земјите погодени од одлуката на Киев за ставање на руската компанија „Лукоил“ на нејзината листа на санкционирани, да најдат решение за проблемот со Украина, информира денеска портпаролот на Европската комисија за земјоделство и трговија Олоф Гил. 

Тој потврди дека Европската комисија примила барање од Словачка и Унгарија за посредување во „процедурата за консултации со Украина“, откако нејзината одлука за „Лукоил“ резултираше со прекин на испораките на нафта за двете земји.  

- Можеме да потврдиме дека вчера извршниот потпретседател (Валдис) Домбровскис го прими заедничкото писмо на министрите за надворешни работи на Словачка и Унгарија за влијанието од украинската одлука за прекин на снабдувањето со нафта од „Лукоил“ преку нафтоводот „Дружба“. Во моментов ја разгледуваме содржината на писмото и разгледувале повеќе информации, пред да ја донесеме одлука, рече Гил. 

Според него, во моментов нема директно влијание врз снабдувањето со нафта на ЕУ, но ситуација се следи во рамки на Групата за нафтена координација и Унијата е во контакт со владите на Словачка и Унгарија, како и на Украина. 

- При ваквиот тип на процедури, само ЕУ претставувана од Комисијата, а не и одделни земји членки, може да иницира некакви акции или постапки, додаде Гил.  

Тој нагласи дека Словачка и Унгарија побарале одржување на состанок на Комитетот за трговска политика во текот на утрешниот ден, на кој, според Гил, ЕК очекува да добие повеќе информации за подобро да ги оцени фактите пред да донесе каква било одлука.  

Словачка и Унгарија уште минатата недела соопштија дека престанале да добиваат нафта од „Лукоил“ преку нафтоводот што минува низ територијата на Украина.  

Според податоците, Унгарија од „Лукоил“ добива околу два милиони метрички тони нафта годишно, што претставува околу една третина од вкупниот нафтен увоз на земјата. 

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, вчера во Брисел, каде присуствуваше на заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ, изјави дека Унгарија и Словачка и даваат на Европската комисија рок од три дена за да одговори на нивното барање и доколку „консултативната процедура“ не даде резултати тие ќе го покренат прашањето пред „меѓународен суд по нивни избор“. 

Извршниот директор на украинската енергетска компанија „Нафтогас“, Олексеј Чернишов меѓутоа изјави дека иако не пристигнува нафта од „Лукоил“, обемот на транзитираната нафта преку „Дружба“ во јули е ист како и во претходните месеци. 

Околу половина од испораките на нафта на „Лукоил“ транзитираат преку нафтоводот „Дружба“. Од друга страна, рафинериите на унгарската енергетска компанија МОЛ во Унгарија и Словачка целосно зависат од испораките на нафта од „Лукоил“. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан