• среда, 13 ноември 2024

ГИК: СНС во Белград освои 52 отсо гласови, според ЦЕСИД и ИПСОС во Ниш го нема мнозинството

ГИК: СНС во Белград освои 52 отсо гласови, според ЦЕСИД и ИПСОС во Ниш го нема мнозинството

Белград, 3 јуни 2024 (МИА)- Во Србија по одржување на локалните избори во 88 градови и општини и повторените избори за град Белград, коалицијата на СНС и СПС ја освои власта во речиси сите градови и општини каде се гласаше. СНС според ГИК на Белград освои 52 отсто од гласовите во Белград или 64 одборници, додека според Цесид и Ипсос единствениот град каде СНС го нема потребното мнозинство е градот Ниш, јави дописникот на МИА од Белград.

-Врз основа на 92,09 отсто обработени избирачки места и 91,43 отсто обработено гласачко тело, на изборите за одборници на Град Белград, листата на СНС „Белград утре“ освоила најмногу гласови, 52,85 отсто или 355.430 гласови, што е 64 мандати во собранието на град Белград, соопштија од Градската изборна комисија (ГИК).

Листата на Крени –Промени „Јас сум Белград“ освоила 17,61 отсто од гласовите (118.426), што е 21 мандат, додека на третото место е опозициската листа „Го бираме Белград“ со 12,17 отсто (81.863) или 14 мандати. На четврто место е листата „Ние силата на народот“ со освоени 8,16 отсто од гласовите (54.908), што е девет мандати, а потоа следи Руската партија со 1,16 отсто и освоен еден мандат. Одѕивот во Белград изнесува 46,18 отсто, а гласале вкупно 672.579 гласачи.

Во Ниш победата синоќа ја најавија и опозицијата и СНС.

Четирите опозициски листи кои го поминаа цензусот - листата предводена од д-р Драган Милиќ, листите Го бираме Ниш,Крени-Промени и Обединети-нада за Ниш, заедно освоија 30 мандати.

Исто толку мандати спорес СНС освои и листата Александар Вучиќ - Ниш утре , додека еден мандат и припадна на Руската партија.

Од СНС изјавија дека имаат мнозинство со Руската партија и дека се отворени за соработка со сите листи, а д-р Драган Милиќ изјави дека не сака да има соработка со СНС.

Но денес ЦеСИД и ИПСОС, врз основа на 100 отсто од обработениот примероци дадоа проекција на распределбата на мандатите за советници на Советот на општина Ниш, врз основа на која СНС има 29 мандати во Градското собрание, според што и во коалиција со мандатот на Русјата странка нема да може да ја освои власта во Ниш.

Денес се огласи и опозијата од Ниш која на социјалната мрежа Х соопштија дека „СНС нема мнозинство ниту со Руската странка, промените почнаа од југ“.

Од поголемите градови, во Нови Сад, според Цесид и Ипсос на 100 отсто обработени гласови, СНС освоила 53,1 отсот гласови, со што може самостојно да ја формира власта.

Во Чачак според прелиминарните резултати, листите кои се изјасниле како опозициони освоиле 53 отсто од гласовите, додека коалицијата собрана околу СНС добила 47 отсто од гласовите на гласачите, изјави Павле Јелисијевиќ од ГГ „Разбуди се Чачак“.

Вчера премиерот и лидер на СНС Милош Вучелиќ изјави дека листата „Александар Вучиќ - Србија утре“ освен во Бачка Топола, Сента, Кањижа и Тутин победи во сите градови и општини, „што е разбирливо поради националниот состав на општините“.

Претседателот на Нова ДСС, Милош Јовановиќ, што ги бокотираше изборите, оцени дека „новата власт во Белград, која произлезе од фарсата на која бевме сведоци во неделата на 2 јуни, не може и не смее да се смета за легитимна“.

Иницијативата „ПроГлас“ соопшти дека локалните избори „не биле ниту фер, ниту слободни“, а ескалацијата на нерегуларностите и насилството ги надминала и „најмрачните предвидувања“.

Претставникот на Цесид, Иво Чоловиќ, оцени дека, иако коалицијата околу Српската напредна партија (СНС) победи во мнозинството градови и општини на локалните избори, сепак има нешто полош резултат од претходните избори, т.е. 16.000 гласа помалку, а дека опозициската коалиција „Го бираме Белград“ е веројатно „најголемата жртва“ на изборниот бојкот на дел од опозицијата. об/

Остани поврзан