• среда, 13 ноември 2024

Германски воени бродови минуваат низ Тајванскиот теснец и покрај противењето на Кина

Германски воени бродови минуваат низ Тајванскиот теснец и покрај противењето на Кина

Берлин, 13 септември 2024 (МИА) - Германија, и покрај противењето на Кина, инсистира на минување на нејзините воени бродови низ Тајванскиот теснец, објави германскиот министер за одбрана Борис Писториус.

„Се работи за меѓународни води. Тоа е најкратката рута и, со оглед на временските услови, најбезбедната рута и затоа ја користиме“, рече Писториус во Берлин.

Писториус со тоа ги потврди наводите дека германската фрегата Баден Виртемберг и придружниот брод за снабдување Франкфурт на Мајна се на влезот во Тајванскиот теснец.

Пред тоа кинеското Министерство за надворешни работи остро реагираше на најавата за минување на германски воени бродови низ теснецот, кој Кина го смета за нејзини територијални води.

„Силно ги отфрламе провокациите и заканите на другите земји против суверенитетот и безбедноста на Кина под изговор за слободно користење на поморските патишта“, се вели во реакцијата од Пекинг без да се прецизира за кои земји се мисли.

Германска фрегата и брод за снабдување се на враќање од мисијата во Јужна Кореја, каде што учествуваа во обезбедувањето на спроведувањето на санкциите на ОН против Северна Кореја. Ова е првпат од 2002 година германски воени бродови да го користат овој воден пат. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан