• сабота, 28 декември 2024

Германските обвинители го истражувале папата Бенедикт како соучесник во аферата на сексуално злоставување

Германските обвинители го истражувале папата Бенедикт како соучесник во аферата на сексуално злоставување

Берлин, 21 март 2023 (МИА) - Германското обвинителство го истражувало починатиот папа Бенедикт Шеснаесетти како можен соучесник во аферата за сексуална злоупотреба во времето кога бил надбискуп во јужна Германија, но истрагата била прекината поради недостиг на докази, соопштија денеска обвинителите во Минхен.

Истрагата опфатила тројца високи католички свештеници, наведуваат истражителите. Меѓу нив биле покојниот папа Бенедикт, кој како кардинал Џозеф Рацингер во периодот меѓу 1977 и 1982 година бил надбискуп на Минхен и Фрајзинг, како и неговиот наследник, кардиналот Фридрих Ветер и потоа генералниот викар Герхард Грубер, кој извршувал административни должности во надбискупијата.

Постапките, меѓутоа, една по друга биле отфрлани откако истрагите не обезбедиле соодветни докази за криминално однесување од страна на одговорните за црковниот персонал, наведоа обвинителите.

Тие истражувале повеќе од 40 случаи на сомнителни кривични дела поврзани со извештајот за злоупотреба, објавен во јануари 2022 година, а веќе во февруари минатата година беа претресени просториите во архиепископијата.

Починатиот папа Бенедикт беше на удар на критики затоа што не постапил доволно решително против свештениците обвинети за злоупотреба за време на неговото време како надбискуп и префект на Конгрегацијата за доктрина на верата, помеѓу 1981 и 2005 година.

За папа беше избран во април 2005 година и поднесе оставка во февруари 2013. Почина во декември 2022 година на 95-годишна возраст. сд/

Остани поврзан