• среда, 25 декември 2024

Германскиот парламент ја доби првата глува пратеничка

Германскиот парламент ја доби првата глува пратеничка

Берлин, 21 март 2024 (МИА) - Германскиот парламент денеска ја пречека првата глува пратеничка, која претседателот на Бундестагот ја опиша како историска.

Хајке Хојбах (44) „тесно“ загуби место во Долниот дом на парламентот, Бундестагот, по изборите во 2021 година. Таа, меѓутоа, сега влезе во парламентот откако го замени Ули Греч, баварскиот колега од редовите на социјалдемократите на канцеларот Олаф Шолц, пренесуваат американските медиуми.

Греч ги напушти пратеничките клупи и замина на нова работа како независен полициски комесар.

Колегите пратеници со аплауз и кренати раце го поздравија доаѓањето на Хојбах, која е индустриски менаџер.

-Денес всушност пишуваме историја, ако можам така да кажам, посочи претседателот на Бундестагот, Бербел Бас. „Го имаме првиот глув пратеник кој ќе работи овде за неговата изборна единица“, додаде таа.

Германската агенција ДПА пренесе дека во близина на говорницата е поставен преведувач на знаковен јазик  за да ѝ преведува на Хојбах, кога таа седна во првиот ред. Подоцна таа се пресели во вториот ред и пред неа седнаа двајца толкувачи за да ги пренесат говорите.

Хојбах, за разлика од повеќето други пратеници, ќе има постојано место во пленарната сала со преведувачи во близина. Кога таа ќе зборува преведувач ќе им преведува на другите пратеници во Бундестагот. сд/

фото:ДПА

Остани поврзан