• недела, 10 ноември 2024

Германскиот министер за финансии против повторно воведување на задолжителна војска

Германскиот министер за финансии против повторно воведување на задолжителна војска

Берлин, 1 април 2024 (МИА) - Германскиот министер за финансии, Кристијан Линднер изјави дека е против повторното воведување на задолжителна воена служба за зајакнување на армијата на нацијата, Бундесверот, јави ДПА.

-Економските трошоци за задолжителната воена служба би биле многу високи со оглед на недостигот на работна сила во општеството што старее, рече Линднер за ДПА.

Наместо тоа, тој повика на посилна воена резерва за Бундесверот.

Министерот за одбрана, Борис Писториус, како што наведува ДПА, во моментов ги испитува моделите на задолжителна воена служба и ја разгледа практиката во скандинавските земји.

-Подобрата алтернатива на задолжителната воена служба, за која повторно се дискутира, е зајакната резерва. Треба да им биде можно на граѓаните доброволно да се обврзат редовно да служат во Бундесверот во подолг временски период заедно со нивните цивилни работни места, кажа Линднер.

Задолжителната воена служба во Германија беше суспендирана во јули 2011 година по 55 години под раководство на тогашниот министер за одбрана Карл-Теодор цу Гутенберг.

Сепак, сè уште е предвидено со закон дека задолжителната воена служба за мажи ќе биде обновена во случај на граѓански немири и национална одбрана. мс/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан