• среда, 13 ноември 2024

Германскиот канцелар Шолц ќе го прими аргентинскиот претседател Милеи

Германскиот канцелар Шолц ќе го прими аргентинскиот претседател Милеи

Берлин, 23 јуни 2024 (МИА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во Берлин ќе го прими аргентинскиот претседател Хавиер Милеи, јави ДПА.

Шолц ќе се сретне со Милеи во зградата на Федералната канцеларија во 12 часот по локално време.

Првично Милеи требаше да биде пречекан со воени почести, а подоцна да одржи заедничка прес-конференција со германскиот канцелар, но тие точки од протоколот беа отфрлени. Подоцна стана јасно дека Милеи побарал неговата средба со Шолц да трае само еден час.

Веројатно прагматичниот германски канцелар и ексцентричниот аргентински претседател својот разговор ќе го фокусираат пред се на економските прашања, забележува ДПА. Аргентина има големи резерви на минерали, вклучувајќи го и литиумот, кој на Германија итно и е потребен за транзиција кон зелена енергија.

Покрај тоа, преговорите за договор за слободна трговија меѓу Европската унија и јужноамериканската економска организација Меркосур остануваат во ќорсокак.

Милеи, кој беше избран со повеќе од 55 отсто од гласовите на претседателските избори во ноември, вчера пристигна во Германија за да добие медал од фондацијата „Фридрих Аугуст фон Хајек“.

Пред пристигнувањето во Германија, Милеи го посети Мадрид, но по претходно упатените остри вербални напади врз Владата на Педро Санчез, аргентинскиот лидер се сретна само со претставници на шпанската опозиција. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан