• недела, 24 ноември 2024

Германската покраина Бранденбург ја прогласи младината на АфД за десно-екстремистичка организација

Германската покраина Бранденбург ја прогласи младината на АфД за десно-екстремистичка организација

Вилнус, 12 јули 2023 (МИА) - Канцеларијата за заштита на уставниот поредок на сојузната покраина Бранденбург денеска го прогласи подмладокот на партијата Алтернатива за Германија (АфД) во оваа покраина за организација со јасна десно- екстремистичка ориентација.

-Младата алтернатива е опасност за младите, демократијата, слободата и безбедноста, изјави во Потсдам министерот за внатрешни работи на Бранденбург, Михаел Штубген од ЦДУ  (Христијанско-демократската унија).

Тој објасни како Канцеларијата за заштита на уставниот поредок ги следи младите на АфД од 2019 година поради сомневање за десничарски екстремни тенденции.

-Сега можеме со апсолутна сигурност да утврдиме дека Младата алтернатива дејствува против уставниот поредок на Германија, рече Штубген. 

Тој додаде дека во текот на набљудувањето, Младата алтернатива постојано го нарушувала демократскиот поредок на Германија со своите постапки и постапки.

Лидерското место во Младата алтернатива во Бранденбург минатата година го зазеде пратеникот на Бундестагот, Ханес Гнаук, кој одржува блиски контакти со Институтот за државна политика во Саксонија-Анхалт, што е познат како екстремно десничарска организација.

Подмладокот на АфД во Бранденбург од 2020 година е на списокот на организации кои Канцеларијата за заштита на уставниот поредок ги смета за потенцијално екстремно десничарски.

Класификацијата на организација во категоријата десно- екстремни организации и овозможува на Канцеларијата за заштита на уставниот поредок подетално да ја следи.

Во последните месеци партијата АфД бележи голем раст на популарноста, особено во сојузните покраини кои некогаш и припаѓаа на Источна Германија.

Во Бранденбург, според последните истражувања на јавното мислење од почетокот на јули, оваа партија ја поддржуваат 28 отсто од гласачите, што е за 10 отсто повеќе отколку на изборите за Бундестагот во 2021 година. 

АфД во моментов е најсилната политичка сила во Бранденбург, но и во другите источногермански сојузни покраини.

Растот на популарноста на АфД се должи на антиимиграциската реторика и искористувањето на моменталното незадоволство на граѓаните од работата на федералната социјалдемократска-зелено-либерална влада на канцеларот Олаф Шолц.

 

Фото: ЕПА

Остани поврзан