• четврток, 05 декември 2024

Германската новинска агенција ДПА јави дека нивни фотограф е убиен во близина на сирискиот град Хама

Германската новинска агенција ДПА јави дека нивни фотограф е убиен во близина на сирискиот град Хама

Берлин, 4 декември 2024 (МИА) - „Нашиот фоторепортер Анас Алхарбутли, кој ја документираше граѓанската војна во Сирија на единствен визуелен јазик, е убиен во воздушен напад во близина на сирискиот град Хама. Анас имаше само 32 години“, се вели во соопштението на ДПА.

„Сите ние во ДПА сме во шок и во длабока тага поради смртта на Анас Алхарбутли“, се вели во изјавата на главниот уредник Свен Госман.

„Со своите слики, тој не само што ги документираше ужасите на војната, туку секогаш работеше за вистината. Анас останува пример за нашата работа“, додаде тој.

Исламистичките бунтовници минатата недела започнаа масовна офанзива во северна Сирија, преземајќи го вториот по големина град Алепо од владината контрола и напредувајќи кон централниот град Хама, при што беа пријавени жестоки судири меѓу борците и армијата.

Алхарбутли почна да работи како фоторепортер во 2015 година и се приклучи на ДПА две години подоцна, соопшти агенцијата.

Тој го доби трофејот за млад репортер на престижната француска награда Баје за известување за војна во 2020 година и победи во категоријата спорт за Светските награди за фотографија на Sony во 2021 година.

Тој беше погребан во северозападниот град Идлиб, кој е под контрола на бунтовниците.

Властите во бунтовничката енклава велат дека уште тројца новинари од областа се убиени од почетокот на офанзивата минатата недела.

Сириската опсерваторија за човекови права денеска соопшти дека бројот на загинати во осумдневните борби се искачи на 704, вклучувајќи 110 цивили. ссм/

фото: ДПА

Остани поврзан