• сабота, 23 ноември 2024

Германската влада постигна договор за продолжување на работата на нуклеарните централи до пролет

Германската влада постигна договор за продолжување на работата на нуклеарните централи до пролет
Берлин, 19 октомври 2022 (МИА) - Германската влада постигна договор за продолжување на работата на преостанатите три германски нуклеарни централи до средината на април следната година, се наведува во соопштението испратено денеска по седницата на владата.
„Договорот за промена на законот за користење на нуклеарната енергија е постигнат во најкраток можен рок“, изјави германскиот министер за економија и енергетика Роберт Хабек по владината седница.
Измената на законот дозволува преостанатите три нуклеарни централи во Германија кои се уште работат, Исар 2, Некарвестхајм 2 и Емсланд, да ја продолжат својата работа до средината на април следната година.
Во позадина на продолжувањето на работата на електраните, кои требаше да бидат исклучени од мрежата до крајот на годинава, е енергетската криза предизвикана од руската агресија врз Украина и прекинот на протокот на гас од Русија. Горниот и Долниот дом на Парламентот треба да ја потврдат оваа владина одлука до крајот на ноември. Во рамките на социјалдемократско-зелено-либералната коалиција на канцеларот Олаф Шолц, во последните недели имаше конфликт околу продолжувањето на работата на нуклеарните централи.
Хабек изрази уверување дека до зимата 2023/24 година „ќе владеат поинакви услови“ во однос на снабдувањето со енергија и укажа на брзото завршување на терминалот за течен гас, кој треба да гарантира увоз од други земји. паг/    

Остани поврзан