Германската влада го осуди насилството на израелските доселеници на Западниот Брег
- Германската влада денеска најостро ги осуди новите инциденти на насилство од страна на израелските доселеници врз палестинските цивили на окупираниот Западен Брег.
Берлин, 9 март 2026 (МИА) – Германската влада денеска најостро ги осуди новите инциденти на насилство од страна на израелските доселеници врз палестинските цивили на окупираниот Западен Брег.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи во Берлин повика одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата, пренесе ДПА.
- Ги зедовме предвид овие инциденти, кои ги сметаме за многу вознемирувачки рече тој. – За жал, тие се дел од цела серија насилни напади врз цивилното население.
- Фактот што петмина палестински цивили беа убиени за само една недела е навистина тажна кулминација – додаде тој.
Израелската војска исто така ги осуди овие дејствија, наведе портпаролот. Тој истакна дека насилството врз палестинските цивили е неприфатливо и дека на Израел е да ја осигура нивната заштита, нагласувајќи ги „дискусиите во ЕУ за санкции против дополнителни насилни доселеници“.
Германија „не стои на патот на овие дискусии“, додаде портпаролот.
Радикалните израелски доселеници редовно ги напаѓаат Палестинците на Западниот Брег во последните години. Според податоците на израелската војска, пренесени од весникот Хаарец, бројот на напади минатата година се зголемил за 25 проценти. Неодамна, доселеници застрелаа и убија двајца браќа во напад на палестинско село јужно од Наблус. јт/
Фото: ЕПА