• среда, 27 ноември 2024

Германија ќе ја претстави својата прва Стратегија за национална безбедност

Германија ќе ја претстави својата прва Стратегија за национална безбедност

Берлин, 14 јуни 2023 (МИА) - Владата на германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ќе ја претстави првата германска национална безбедносна стратегија, чија цел е да ја разгледа надворешната политика на земјата и да обезбеди пристап кон безбедноста што е договорен меѓу министерствата, јави ДПА.

Во минатото, Германија имаше политички документи посветени на безбедноста, но во ноември 2021 година, трипартитната коалиција на Шолц се согласи дека сака посеопфатна стратегија во нејзиниот владејачки договор.

Според аналитичарите, „оваа идеја доби нова релевантност по руската инвазија на Украина, која ја изложи лошата состојба на германската војска, преголемата зависност на Германија од Русија за енергија и недоволната заштита на критичната инфраструктура како што се гасоводите“.

Во децениите на мир и просперитет од крајот на Студената војна, Германија не посветува доволно внимание на новите закани, како што се сè поагресивните авторитарни држави како Русија и Кина, велат аналитичарите.

Војната во Украина, сепак, најавува  „zeitenwende“ или „пресвртница“, како што рече Шолц во говорот неколку дена по инвазијата, барајќи од Германија да и даде приоритет на безбедноста и да посвети повеќе пари за одбраната.

Шолц рече дека Германија во иднина ќе инвестира повеќе од два отсто од својот економски приход во одбраната, додека уделот досега беше околу 1,5 отсто. Германија ќе го направи овој потег по години отпор на повиците од сојузниците на НАТО да го сторат тоа - ветување што се очекува да биде вклучено во Стратегијата за национална безбедност.

„Руската инвазија и автократските тенденции во другите делови на светот бараат од нас поцврсто да го изразиме својот став“, рече Нилс Шмит, портпарол за надворешна политика на парламентарната група на Социјалдемократите на Шолц.

Мико Хутари од Институтот за кинески студии Меркатор рече дека очекува стратегијата да содржи „значително покритички јазик за предизвикот што Кина го поставува на меѓународно ниво“.

Сепак, во документот веројатно нема да биде опишана политиката на Германија кон Кина, бидејќи се очекува владата да објави посебна стратегија за Кина подоцна оваа година. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан