• четврток, 26 декември 2024

Германија ќе овозможи заштита за загрозените руски граѓани

Германија ќе овозможи заштита за загрозените руски граѓани
Берлин, 30 мај 2022 (МИА) - Германската влада денеска постигна договор за нови поедноставени регулативи за обезбедување азил на руските граѓани прогонети во нивната земја.
„Сè побруталната агресија на Русија против Украина е придружена со сè побрутална внатрешна репресија, која е особено насочена против претставниците на медиумите, опозицијата и групите за човекови права“, изјави германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер.
Затоа таа посочи дека Германија мора да им пружи помош на руските граѓани.
„Пред се ќе им дадеме можност на новинарите слободно и независно да известуваат од Германија“, рече Фезер.
Таа најави „забрзано и небирократско“ решавање на дозволите за престој на загрозените.
Притоа нагласи дека апликантите за политичка заштита ќе бидат предмет на темелна проверка од безбедносните служби.
„Кремљ се обидува со сите сили да го спречи известувањето за злосторничката војна против Украина, па затоа е многу важно да се овозможи независно известување кое ќе стигне и до руските граѓани“, рече Фезер.
Визите за загрозените новинари и нивните семејства ќе се договорат меѓу министерствата за внатрешни и за надворешни работи и Државниот секретаријат за култура.
Досега се издадени 16 визи за новинари и нивните семејства. Оваа постапка се објаснува со хуманитарни причини и „зачувување на политичките интереси на Сојузна Република Германија“. паг/
   

Остани поврзан