Германија: Путин „игра игра“ со новите напади врз Украина
- - Констатиравме дека нападите врз цивилната инфраструктура воопшто не се намалија во текот на првата ноќ по тој таканаречен револуционерен и извонреден телефонски разговор, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус во телевизиско интервју.

Берлин, 19 март 2025 (МИА) - Германија оцени дека рускиот претседател Владимир Путин „игра игра“ со новите напади врз Украина, и покрај тоа што претходно беше постигнат договор за ограничено примирје во телефонскиот разговор меѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп.
- Констатиравме дека нападите врз цивилната инфраструктура воопшто не се намалија во текот на првата ноќ по тој таканаречен револуционерен и извонреден телефонски разговор, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус во телевизиско интервју.
Тој додаде дека Путин „игра игра“, а Трамп има одговорност како лидер на една од најголемите нации во светот, нагласувајќи дека ќе дојде момент кога ќе мора да реагира.
За време на 90-минутниот разговор со Трамп, Путин се согласи да ги запре нападите врз енергетската инфраструктура во Украина во наредните 30 дена, но одби целосен прекин на огнот во конфликтот кој трае повеќе од три години.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, по новите руски напади во текот на ноќта, ја обвини Москва дека всушност го отфрла предлогот за примирје што го поддржа Вашингтон и што Киев претходно го прифати.
Писториус оцени дека ветувањето на Путин за прекин на нападите врз енергетската инфраструктура „во суштина не значи ништо“, бидејќи овие објекти во Украина веќе се заштитени.
Тој исто така го оцени како „неприфатливо“ инсистирањето на Кремљ целосно да се прекине американската воена поддршка за Украина и размената на разузнавачки податоци со украинската војска, која се соочува со сериозни предизвици на фронтот.
- Многу е очигледно дека Владимир Путин сака да ги спречи сојузниците на Киев да продолжат со поддршката за Украина, а со тоа да си обезбеди стратешка предност во случај на нов напад, било за време или по примирјето, заклучи Писториус. ссм/
фото: архива