• сабота, 06 декември 2025

Германија повикува на деескалација меѓу Израел и Иран по нападите

Германија повикува на деескалација меѓу Израел и Иран по нападите

Каиро, 13 јуни 2025 (МИА) – Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека сè уште верува оти Израел и Иран можат да постигнат решение, и покрај израелските напади врз иранска територија и одмаздничките удари на Техеран, јави ДПА.

-Постојат заеднички напори за смирување на ситуацијата во оваа исклучително критична позиција, рече Вадефул на средба со египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абдел-Ати во Каиро. Тој додаде дека „никој не сака понатамошна ескалација, особено воена, во регионот“.

Абдел-Ати, пак, истакна дека употребата на сила нема да донесе стабилност во регионот и дека „илузиите за моќ нема да донесат безбедност за Израел или за која било друга страна“. Тој нагласи дека „нема решение за регионот без воспоставување независна палестинска држава со Источен Ерусалим како главен град“.

Вадефул изрази жалење што Иран во минатото не презел доволно кредибилни чекори за дистанцирање од својата нуклеарна програма и ги повика двете страни да ги преиспитаат своите позиции и да бараат преговарачко решение.

Каиро е првата станица од турнејата на Вадефул во Блискиот Исток. Поради ескалацијата меѓу Израел и Иран, тој ги откажа планираните посети на Јордан и Израел и наместо тоа утре ќе отпатува во Саудиска Арабија за средба со саудискиот министер за надворешни работи Фаисал бин Фархан Ал Сауд. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан