• среда, 25 декември 2024

Германија отвори нов миграциски центар во Нигерија

Германија отвори нов миграциски центар во Нигерија

Берлин, 6 февруари 2024 (МИА) - Германската министерка за развојна политика, Свења Шулце, денеска отвори уште еден центар за мигранти во Нигерија, што треба да помогне во иселувањето на тамишните експерти во Германија, како и да помогне во враќањето на оние нигериски граѓани кои се протерани од Германија.

-Германија и Нигерија можат да имаат корист од заедничката миграциска политика, рече Шулце на отворањето на центарот во нигерискиот град Нијанџи.

Во Нигерија веќе има неколку такви центри што треба да им помогнат на оние кои беа протерани од Германија поради одбиеното барање за азил. Центрите треба да им помогнат на повратниците од Германија да најдат вработување во Нигерија или да се преквалификуваат.

Во моментов, околу 14.000 Нигеријци во Германија чекаат депортација, а депортацијата често пати пропаѓа поради недостиг на документи. Нигерија е најнаселената африканска земја, од која многумина се обидуваат илегално да стигнат до Европа.

Истовремено, центрите за мигранти би можеле да помогнат во посредувањето со оние Нигеријци кои сакаат да емигрираат во Германија по завршувањето на нивната стручна обука.

Во меѓувреме, Германија отвори слични „Центри за миграција и развој“ во Египет, Гана, Пакистан, Јордан, Ирак, Мароко и Тунис, а слична институција се подготвува и во Индонезија.

Целта на овие центри е да се намали нерегуларната миграција и да се обезбеди можност за имиграција на експерти во Германија.

Во Германија минатата година повторно дојде до зголемување на бројот на нерегулирани влегувања, а проблемот со зголемениот број мигранти важи меѓу германските гласачи како најголем политички проблем во Германија, што им дава популарност на десничарските популистички партии како што е АфД. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан