• четврток, 26 декември 2024

Германија одлучно го отфрлува нон-пејперот за промена на границите на Балканот, аналитичари предлагаат Брисел да го осуди документот

Германија одлучно го отфрлува нон-пејперот за промена на границите на Балканот, аналитичари предлагаат Брисел да го осуди документот
Скопје, 23 април 2021 (МИА) – Се уште не стивнуваат реакциите откако минатата недела словенечкиот портал „Нецензурирано“, објави нон-пејпер испратен до ЕУ, во којшто се предлага прекројување на границите на Западен Балкан. Документот наводно бил напишан од словенечкиот премиер Јанез Јанша, кој потоа тоа го демантираше, додека Канцеларијата на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, во изјава за порталот „Еурактив“ не можеше да негира дека го добила документот, ниту пак даде дополнителни коментари. Поцврст став од Брисел, што очигледно недостасуваше минатата недела во врска со контроверзниот документ во којшто се предлага промена на граници на Западен Балкан, ќе ги смиреше страстите во регионот, сметаат аналитичарите. Во исто време, регионални и меѓународни аналитичари со кои порталот „Еурактив“ контактираше, остро ги отфрлија идеите за „фантомскиот“ нон-пејпер. Порталот наведува дека нон-пејперот, во кој се предлага можна промена на границите, беше објавен „за да се адресира малаксаноста што постои во поранешна Југославија“. Вицепремиерот за европски прашања на Северна Македонија, Никола Димитров, чија земја би била засегната од предложената промена на границите, го нарече „опасен“ концептот за големи држави со етнички граници, наведува порталот. Димитров за „Еурактив“ вели дека единствен соодветен одговор на овие дебати ќе биде зајакнат и видлив напредок на европската интеграција во регионот. - Ние треба да се фокусираме не на создавање големи држави, туку на големи европски демократии и големи економии во регионот. Перцепцијата на избледување на европската перспектива на Балканот минатата година, можеби има врска со ова повторно раѓање на вакви спротивставени визии, вели тој за порталот. „Еурактив“ наведува дека ова не е првпат да се предлагаат размена на територии како решение на политичките проблеми на Балканскиот Полуостров. Идејата, која се обновува на неколку години, наводно била дискутирана и во 2018 година меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и тогашниот косовски претседател Хашим Тачи, кој после тоа беше обвинет за воени злосторства. Тогаш Европската комисија наводно прво го поддржала планот, што подоцна беше отфрлен по острото спротивставување од страна на Берлин, наведува порталот. Марко Прелец, поранешен директор за Балканот на Меѓународната кризна група и професор на Централниот европски универзитет, вели дека нон-пејперот е „еден вид на Роршахова дамка, кој и да ја погледне, го гледа она што сака да го види“. - Реакциите повеќе кажуваат за луѓето кои реагираат, отколку за наводниот нон-пејпер, вели аналитичарот, искажувајќи сомнежи за потеклото на документот. Според него, од голема помош ќе биде доколку Европската Унија заземе поцврст став против овој документ. - Великодушното толкување е тоа што Брисел и некои земји-членки не се сигурни дали е паметно едноставно да се обидат да го негираат неговиот кредибилитет со тоа што не коментираат или да излезат и да го осудат. Мислам дека во овој момент е веројатно најдобро да се осуди, смета аналитичарот. Прелец додава дека документот треба да се гледа во контекст на намалениот процес на проширување којшто изгуби интензитет откако Хрватска влезе во ЕУ во 2013 година. Португалското претседателство, потсетува „Еурактив“, има за цел да се донесе одлука за проширувањето до јуни, односно да се усвојат преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија, како и да се примени новата методологија на преговарање за Србија и Црна Гора. Вицепремиерот Димитров, пак, кој вчера беше во посета на Рига, за време на средбите во Парламентот, од летонските пратеници добил порака дека секое натамошно одложување на пристапните преговори со Македонија испраќа деморализирачки сигнал до земјите од Западниот Балкан, до сите оние земји кои решително ги спроведуваат демократските реформи со крајна цел влез во ЕУ. Летонскиот министер за надворешни работи, Едгарс Ринкевичс по вчерашната средба во Рига со вицепремиерот Димитров рече дека С Македонија постигна неверојатен напредок во процесот на приближување кон ЕУ и изрази надеж дека ќе стане 28-та земја членка на ЕУ. Висок дипломат од Брисел за „Еурактив“ вели дека е неопходна одредена акција затоа што „секогаш кога ЕУ не е доволно видливо присутна, регионалната динамика брзо се менува, се формираат опасни наративи и потоа влегуваат трети актери“. Во исто време, германскиот министер за Европа, Михаил Рот, рече дека Германија одлучно ги отфрлува идеите што би довеле до прекројување на границите на Балканот и верува дека тие се реликвии од минатото. Рот во интервју за „Дојче вече“ истакна дека промените на границите нема да решат никаков проблем на Балканот, туку само ќе отворат нови конфликти. -Нешто такво би било крајно опасно и би се заканувало повторно да ја отвори Пандорината кутија со потенцијал за нов конфликт. Не мора да бидете пророк за да го кажете тоа. Сегашноста и иднината на Западен Балкан лежат во помирувањето, тесната регионална соработка и конечното отстапување од национализмот и реваншизмот, рече тој. Рот нагласи дека земјите од регионот треба да останат дом на мултирелигиски и мултиетнички општества. Водечкиот германски дипломат одговорен за Европа истакна дека словенечката Влада јасно се дистанцираше од таквиот документ и сите „мечтаења“ за промена на границите, затоа што не може да биде во ничиј интерес во Европа, особено со оглед на трагедијата предизвикана од војните во поранешна Југославија. Рот експлицитно изјави дека нема сили во Европската Унија што би се залагале за прекројување на границите. Откако во медиумите беше објавен овој нон-пејпер минатата недела, македонскиот државен врв излезе со став дека секој обид за прекројување на границите ќе доведе до дестабилизација на Балканот, како и дека можност за отстранување на границите постои единствено преку членството во Европската Унија и влезот во Шенген зоната. Нон-пејперот предизвика контроверзи, поради тоа што во него се предлага менување на границите на Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Црна Гора, но и на Северна Македонија. Јанша од излегувањето на нон-пејперот во јавноста не даваше коментари, за потоа да демантира дека таков документ постои. Официјален коментар од ЕУ за нон пејперот се уште нема. И покрај неколкудневните инсистирања досега од новинарите во регионот и од ЕУ кај прес службата на претседателот на Европскиот Совет за наводниот нон-пејпер, во кој се планира поделба на Босна и Херцеговина и создавање голема Србија и голема Албанија, нема никаква реакција од Шарл Мишел. – Позицијата на ЕУ е многу јасна и нема ништо што треба да се промени. Треба да работиме на регионална соработка и помирување. Тоа е идејата и логиката на пристапниот процес – обид да се решат сите прашања, така што процесот не оди во опасни области, придржувајќи се кон европските закони и принципи, изјави минатата недела портпаролот на ЕК, Петер Стано, без да потврди дали во Брисел стигнал таков нон-пејпер од Љубљана. Словенечки медиуми тврдат дека е можно документот да му бил предаден на Мишел за време на последната средба на Вишеградската група од страна на унгарскиот премиер, Виктор Орбан, за кој, исто така, се шпекулира дека е замешан во овој наводен план. Нон-пејперот насловен како „Западен Балкан - патот напред“, наводно доставен до Брисел од Јанша во февруари, предвидува обединување на Косово и Албанија, припојување на делови од Република Српска кон Србија и на хрватските кантони во БиХ кон Хрватска, како начин за решавање на отворените прашања на Западен Балкан и забрзување на патот кон ЕУ и НАТО. нд/скс/  

Остани поврзан