• петок, 13 февруари 2026

Германија и Италија потпишаа договор за зајакнување на одбранбената соработка

Германија и Италија потпишаа договор за зајакнување на одбранбената соработка

Рим, 23 јануари 2026 (МИА) - Германија и Италија се подготвени да ја прошират одбранбената и економската соработка, вклучително и со зголемување на соработката во производството на оружје и спроведување повеќе заеднички воени вежби, се наведува во договорот што лидерите на двете земји го потпишаа денеска во Рим.

Според договореното меѓу канцеларот Фридрих Мерц и премиерката Џорџија Мелони, Берлин и Рим треба да ги здружат силите во производството на беспилотни летала, поморски бродови, подводни системи и системи за воздушна и ракетна одбрана, јавува ДПА.

Тие, исто така, имаат за цел да ја продлабочат соработката во развојот на системи за електронско војување и воздушна борба.

Мерц и Мелони, исто така, потпишаа нова верзија на Акциониот план од 2023 година за соработка во области кои се движат од прашања за внатрешна безбедност до миграција и културно наследство.

Германија бара поблиски односи со Италија во време кога врските со традиционалниот сојузник Франција се малку затегнати, потсетува германската агенција.

Кон крајот на минатата година, Берлин и Париз на неодредено време ја одложија одлуката за Идниот борбен воздушен систем (FCAS), што е заедничка европска иницијатива за воздушната одбрана.

Доколку се реализира, FCAS би бил најголемиот и најскап европски проект за вооружување. Покрај Германија и Франција, во него сака да учествува и Шпанија.

Одлуката за имплементација првично требаше да се донесе до крајот на август, но потоа беше одложена до крајот на годината, главно поради разликите околу уделот на проектот што го имаат авијациските компании Дасо, Ербас и Индра.

Во меѓувреме, Франција, исто така, се спротивставува на договорот за слободна трговија на ЕУ со четири јужноамерикански земји, што беше потпишан минатата недела. Италија, од друга страна, на крајот го поддржа договорот откако беа направени измени за подобро да се заштитат интересите на земјоделците од ЕУ.

Во светлината на специјалниот самит на ЕУ за конкурентност закажан за 12 февруари, Германија и Италија изготвија предлози за зајакнување на единствениот пазар на ЕУ, скратување на процедурите за одобрување и укинување на законодавството.

Во минатото, ваквите иницијативи честопати заеднички ги изнесуваа Германија и Франција, кои долго време се сметаа за европските мотори близнаци.сд/ссм/

фото:ДПА

Остани поврзан