• сабота, 16 ноември 2024

Германија, Италија, Франција и Велика Британија со остра порака до Израел: Нападите врз УНИФИЛ мора да престанат

Германија, Италија, Франција и Велика Британија со остра порака до Израел: Нападите врз УНИФИЛ мора да престанат

Бејрут, 14 октомври 2024 (МИА) - Нападите на Израел врз мировната мисија на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ) го прекршуваат меѓународното право и мора веднаш да престанат, објавија денеска Италија, Велика Британија, Франција и Германија.

Четирите земји во заедничка изјава ја истакнаа „клучната стабилизирачка улога“ на УНИФИЛ во јужен Либан и додадоа дека Израел и другите страни мора да ја гарантираат безбедноста на мировниците во секое време.

Мисијата УНИФИЛ, во која учествуваат и европски војници, соопшти дека израелската армија во изминатите неколку дена неколкупати ја нападнала.

Израел ги повика ОН да ја напуштат областа бидејќи ги гаѓаат силите на Хезболах таму.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска ги отфрли тврдењата дека неговата земја намерно ги гаѓа припадниците на УНИФИЛ, оценувајќи ги како „целосно лажни“ и повторно повика мировниците да се повлечат од територијата.

Нетанјаху тврди дека израелската војска прави се што може за да избегне жртви меѓу членовите на УНИФИЛ при напаѓање на цели на Хезболах.

-Најдобриот начин да се осигура безбедноста на персоналот на УНИФИЛ е да се послуша барањето на Израел и привремено да се тргне од патот на опасност, посочи тој.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан