• сабота, 23 ноември 2024

Герасимовски: Ќе ги донесеме сите ДУП-ови за да го заштитиме јавниот простор

Герасимовски: Ќе ги донесеме сите ДУП-ови за да го заштитиме јавниот простор
Скопје, 11 октомври 2021 (МИА) - Кандидатот за градоначалник од СДСМ за општина Центар, Горан Герасимовски вечерва од Капиштец најави дека ќе бидат донесени сите детални урбанистички планови за да се заштити јавниот простор.
- Ветувам дека ниту педа државно земјиште нема да биде злоупотребено за приватни цели, дека ќе ги донесеме сите ДУП-ови со цел да заштитиме што повеќе зеленило и да обезбедиме јавни површини. Направивме многу со носењето на 9 ДУП-ови и не беше лесно да се санираат штетите од ВМРО-ДПМНЕ. Во следните четири години ова мора да го завршиме, рече Герасимовски.
Како приоритет рече дека ќе му биде чиста општина уште во првата година од мандатот. Најави отворена општина за граѓаните и нивно директно вклучување во одлуките и трошењето на парите. Готови решенија, како што посочи, има и за проблемот со паркирањето.
- Ветувам дека ќе се изборам за вашето право на паркинг и повеќе паркинг места во општината на места каде сега тоа е проблем. Имаме конкретен план со точни локации каде и колку паркинг места се потребни да се реши ова прашање, рече Герасимовски.
За возрасните граѓани вети нови пензионерски клубови, за родителите - финансиска поддршка и 50 проценти поевтина градинка и оброк на училиште за децата, за младите - финансиска поддршка преку стипендии, бесплатна едукации и поддршка за развој на бизнис заедницата.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев порача дека Герасимовски има визија и јасен план како да го донесе најдоброто во Центар со прецизни рокови за реализација на проектите.
- Во следните четири години силно ќе го поддржиме Горан во определбите за чиста животна средина, енергетска ефикасност, квалитетна инфраструктура и безбеден сообраќај, нови паркинг-места, современо и инклузивно образование, економски развој на Центар, инвестиции во младите, родова еднаквост, грижа за сите, редовна комуникација со граѓаните, како и во неговите планови за инвестиции во младите таленти и за поддршка на развојот на културата и на спортот, рече Заев.
За следниот период, како што посочи, Центар ќе добие две нови градинки, проширување на капацитетите на ОУ „Коле Неделковски, ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ ќе стане комунално претпријатие, а предвидена е и изградба на катни и на монтажни гаражи. бак/бк/

Остани поврзан