• четврток, 12 февруари 2026

Герасимовски: Се реконструира улицата „Мирослав Крлежа“, Дебар Маало добива уредена пешачка и резиденцијална зона

Герасимовски: Се реконструира улицата „Мирослав Крлежа“, Дебар Маало добива уредена пешачка и резиденцијална зона

Скопје, 9 февруари 2026 (МИА) - Се реконструира улицата „Мирослав Крлежа“, Дебар Маало добива уредена пешачка и резиденцијална зона, информираше утрово градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.

Како што се наведува во соопштението од локалната самоуправа, градоначалникот присуствувал на почетокот на градежните активности за реконструкција и пренамена на улицата „Мирослав Крлежа“ во пешачка и резиденцијална зона.

- Станува збор за проект што се реализира на барање и по мерка на жителите. Ова е зафат што долго време беше најавуван и ветуван, но, денес конечно се реализира на терен. Овој дел од Дебар Маало, добива нов лик, уреден, безбеден и функционален јавен простор, се истакнува во пишаната изјава на градоначалникот.

Од локалната самоуправа истакнуваат дека проектот има за цел уредување на јавниот простор и воведување организиран резидентен паркинг. Реконструкцијата се изведува на вкупна површина од околу 6.000 квадратни метри, на потегот од „Партизански одреди“ до улицата „Никола Тримпаре“.

- Во рамки на зафатот се предвидува инсталирање ново улично осветлување, поставување клупи и канти за отпад, како и целосна реконструкција на коловозот и тротоарите со поставување гранитни и травертин плочи. На дел од улицата се поставува нова водоводна и атмосферска мрежа, додека фекалната канализација е веќе изведена, а каблите на „ЕВН“ се спуштени под земја. Проектот е изработен во соработка со Архитектонскиот факултет и вклучува уредување на зелените површини, замена на исушените дрвја со нови садници и поставување ниско зеленило. Проектот се финансира со 70 отсто средства од Светска банка, додека преостанатите 30 проценти се покриени од буџетот на Општина Центар, додаваат од Општина Центар. бд/са/

Фото: Општина Центар

Остани поврзан