• петок, 27 декември 2024

Герасимовски: Подготвена е иницијативата за конфискација на дивоградбите

Герасимовски: Подготвена е иницијативата за конфискација на дивоградбите

Скопје, 31 март 2023 (МИА) - Подготвена е иницијативата за конфискација на дивоградбите, бидејќи во моментов нема законска можност тоа да се направи, изјави градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски во гостување во Студио 10 на Телевизија 24. 

Герасимовски напомена дека во општината има неколку бесправни објекти чие уривање бара преголеми средства кои општината ги нема.

-Со динамит ќе се срушат потпорните ѕидови на бесправните објекти но ќе остане грда слика, за да се отстрани само една градба чини многу. Затоа подготвивме иницијатива до ЗЕЛС за да бараме начин и измена на законите, бидејќи сега немаме законска можност за конфискација. Верувам дека иницијативата едногласно ќе биде усвоена за да бараме законски регулативи и измени за да таквите објекти бидат конфискувани од државата и се искористат за друга намена од која полза ќе имаат граѓаните, вели Герасимовски.

Тој напомена дека само за една градба на Водно потребни се пет милиони денари за уривање, но само онеспособување, а нецелосно отстранување на нелегалниот објект. Затоа, како што рече, со оваа иницијатива ќе се штеди буџетот на општината но и ќе се добијат нови објекти кои може понатаму да бидат пренаменети за различни цели. ир/цр

 

Фото: Општина Центар

Остани поврзан