• сабота, 23 ноември 2024

Герасимовски: Повеќе зеленило, подобрени сообраќајни решенија и детска градинка во новиот ДУП Крњево 2

Герасимовски: Повеќе зеленило, подобрени сообраќајни решенија и детска градинка во новиот ДУП Крњево 2

Скопје, 4 јули 2023 (МИА) - Повеќе зеленило, подобрени сообраќајни решенија, нова детска градинка и зголемени растојанија на објектите се главните придобивки од носењето на Деталниот урбанистички план Градска четврт ЦС 07 – Крњево 2 на денешната, 26 седница на Советот на Општина Центар.

Во новиот ДУП Градска четврт ЦС 07 - Крњево 2, соопштија денеска од Општина Центар, предвидено е намалување на станбената развиена површина од стариот план, која предвидува домување за 4460 жители, намалена е на површина која е соодветна за 2881, со што на државното неизградено земјиште се добива простор за повеќе јавни намени за граѓаните.

- И покрај големиот број на жители, во Крњево досега немало детска градинка. Со носењето на овој план се предвидува нова детска градинка, на 2 нивоа и вкупна површина од 632 м2, со која ќе се решат проблемите на граѓаните кои досега своите деца ги носеа во други општински градинки или во градинките од соседните општини, стои во соопштението.

Заложбата за изведување на зеленило секаде каде што условите дозволуваат е евидентна и во овој план, со тоа што наместо еден мал локален парк од 483 м2, во новиот план се вцртани четири мали локални паркови, на вкупна површина од 1624 м2.

- Повеќе зеленило, подобрени сообраќајни решенија, нова детска градинка и зголемени растојанија на објектите се главните придобивки од Деталниот урбанистички план Крњево 2 кој го донесовме на денешната седница на Советот. Како и досега, ги слушнавме барањата на граѓаните, овој план ги помина сите чекори и со носењето на ДУП-от Крњево 2 решаваме голем број на граѓаните во овој дел од Центар, проблеми кои овде се таложеле години наназад, изјавил градоначалникот Герасимовски, се додава во соопштението.

Во предвид се земени и вцртаните објекти, особено оние со предимензионирани и нехумани површини за градење. Со новиот план, вкупната развиена површина на објектите за домување во плановите од 144.931 м2 е намалена за 35 проценти, односно на вкупно 93.640 м2.

Подобрени и зголемени се и растојанијата помеѓу објектите. Во новиот план за Крњево сите објекти се со растојание од 16, 20 и повеќе метри, со што се остава подобро проветрен простор, кој има повеќе светлина и е побезбеден за секојдневното функционирање на граѓаните, а со новото планско решение ќе се изведе и нова пешачка улица, веднаш покрај булеварот „Крушевска Република“. цр/аа/

Фото:Општина Центар

Остани поврзан