• четврток, 26 декември 2024

Герапетритис: Работиме за дигитализација на услугите на влезните и излезни точки од Грција

Герапетритис: Работиме за дигитализација на услугите на влезните и излезни точки од Грција

Атина, 2 септември 2024 (МИА) – За подобрување, олеснување и дигитализација на услугите на влезните и излезни точки од Грција, говореше министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис на средбата со шефовите на конзуларните претставништва во Солун, а паралелно ја истакна важноста што градот и северниот дел на земјата ги имаат за поширокиот регион, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија истакна дека сакаат Солун да биде мостот меѓу Грција и сите други соседни и пријателски земји, за грчката Влада, како што рече, главен приоритет е градот да стане политички и дипломатски хаб на Балканот, а се осврна и на проектите на кои работат, меѓу кои и напорите за дигитализација на услугите на граничните премини.

-Во минатото постоеја одредени прашања во врска со квалитетот на услугите на влезните и излезните точки, особено во северна Грција, со одредени бирократски тешкотии, со доцнења, главно поради недостаток на персонал и инфраструктура. Во Министерството за надворешни работи сме во фаза во која се обидуваме да го зајакнеме персоналот во соработка со грчката полиција, но и да ја подобриме главно дигиталната инфраструктура на Министерството за надворешни работи за да можеме значително да го надградиме обезбедувањето на овие услуги и повеќето да ги дигитализираме и да го намалиме времето на чекање и обработка на сите овие услуги, рече Герапетритис и додаде дека овие активности се во тек и ќе бидат финализирани во следниот период.

На средбата на Герапетритис со шефовите на конзуларните претставништва во Солун присуствуваше и заменик-министерот за внатрешни работи надлежен за областите Македонија и Тракија, Костас Гулекас.

По средбите и контактите во Солун, министерот за надворешни работи рече дека со Гулекас салкале да истакнат дека северна Грција и Солун „се непосреден и главен приоритет на Владата“, дека нивната желба е конкретниот регион да стане „вистински трговски, туристички и културен центар на туризмот, центар што ќе го обедини поширокиот балкански регион, централна и северна Европа, ќе го обедини Блискиот исток, ќе го обедини целиот Медитеран“.

Додаде дека токму ова им го посочил и на претставниците на странските дипломатски претставништва во Солун и дека „грчката Влада во соработка со соседните земји на Балканот, но и во соработка со сите пријателски земји во странство, ќе работи заедно, за Солун да може да стане вистинска порта за нашиот поширок регион, за Европа и за светот“.

- И геополитички и од причини поврзани со принципите на нашата надворешна политика, сакаме Македонија да биде силна, силна за Грција и силна за светот. Колку се посилни Солун и северна Грција, толку е поголем отпечатокот на нашата земја во Европа и светот и затоа, силната дипломатија, силната национална одбрана, силната економија ќе се спојат, ќе инвестираат во просперитетот на северна Грција и развојот на нашиот Солун, рече Герапетритис.

Министерот за надворешни работи на Грција денеска беше во Солун во пресрет на традиционалниот Меѓународен саем што ќе се одржи од 7 до 15 септември. ср/

Фото: Министерство за надворешни работи на Грција

Остани поврзан