• среда, 25 декември 2024

Герапетритис: Потребно е доследно, строго и целосно почитување на Договорот од Преспа

Герапетритис: Потребно е доследно, строго и целосно почитување на Договорот од Преспа

Атина, 26 февруари 2024 (МИА) – Нашите односи со Северна Македонија се наоѓаат на исклучително задоволително ниво, билатералните односи се развиени во последните пет години, многу повеќе во споредба со претходните 15 години и се наоѓаат во континуирана динамика, но, мора да бидеме јасни дека придржувањето кон Договорот од Преспа ќе треба да биде строго и целосно за можеме да разговараме на исто ниво, истакна министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис од грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Герапетритис одговараше на пратеничко прашање на пратеничката од СИРИЗА Рена Дуру околу трите меморандуми за соработка со Северна Македонија кои од 2019 година сè уште не се донесени во Парламентот за ратификација.

-Предвидените меморандуми ќе дојдат за ратификација во Парламентот во време кое грчката држава ќе го оцени како соодветно и секогаш поврзано со правилното и добронамерно спроведување на одредбите од Договорот од Преспа, рече Герапетритис.

Уште еднаш повтори дека Договорот од Преспа е меѓународен договор што не може да се измени од никоја од страните, посочи дека грчката Влада внимателно го следи спроведувањето, а паралелно детално се осврна и на промената на пасошите, за кое посочи дека „сè уште не постои целосна усогласеност“.

Појасни дека „прилагодувањето на патните исправи е поврзано со петгодишниот технички преоден период што го имаше соседната земја“.

-Имаше можност во периодот од пет години да ги направи потребните прилагодувања, како во однос на патните исправи, така и во однос на регистарските таблици на приватните возила. Ова до денес не е завршено, не поради одговорност на Грција, туку не е завршено бидејќи имаше бирократски, организациски или други проблеми од страна на Република Северна Македонија, рече Герапетритис.

Додаде дека Грција има „политичка должност“ да го следи доследното спроведување на Договорот во овие прашања и, како што рече, кога постои неусогласување или непочитување да реагира.

-Грчката Влада и Министерството за надворешни работи ги направија сите неопходни дејствија, токму поради недоволната усогласеност на патните исправи и нивното прилагодување на новото име. Во врска со ова е и формалното и официјално информирање на властите во странство, на грчките дипломатски претставништва, на властите во ЕУ како и државите членки на Европската Унија за да постои целосно разбирање на имплементацијата на Договорот од Преспа, посочи шефот на грчката дипломатија.

Објасни дека без разлика дали некој се согласува или не со одредени поглавја од Договорот на Преспа, „за кои навремено беше посочено“, денеска договорот е „законски текст, кој не може да се модифицира, ја обврзува грчката држава, го обврзува грчкиот Парламент“.

Паралелно уште еднаш ја повтори и истакна грчката поддршка за европската интеграција не само на Северна Македонија, туку и на сите земји од Западен Балкан.

-Реалноста е дека освен придобивката што ќе ја имаат самите земји од Западен Балкан со интеграцијата во Европската Унија, туку и самата ЕУ ќе се ревитализира, ќе се надгради преку нејзиното проширување кон овој регион, регион кој како што сите знаеме, историски е многу чувствителен, порача Герапетритис.

Истакна дека „Грција секогаш ќе биде во позиција да може да ги зајакне напорите, не само на Република Северна Македонија, туку и на сите земји-членки од Западен Балкан, на нивниот пат кон европското семејство“. ср/нд/

Остани поврзан