• четврток, 26 декември 2024

Герапетритис и Фидан се согласија да ја продолжат и да ја задржат позитивната клима во билатералните односи

Герапетритис и Фидан се согласија да ја продолжат и да ја задржат позитивната клима во билатералните односи

Атина, 8 ноември 2024 (МИА) – Нашето вечно соседство да го претвориме во вечно пријателство, порача шефот на турската дипломатија Хакан Фидан по средбата во Атина со неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис, кој од своја страна истакна дека постои итен и искрен канал на комуникација со Турција, а нивните контакти веќе стануваат нормaлизирани, јави дописничката на МИА од Атина.

Двајцата министри за надворешни работи на заедничката прес-конференција по нивната средба што траеше повеќе од планираното, односно над два часа, се осврнаа на билатералните односи, на следните чекори, на трговската соработката, на кипарското прашање.

Герапетритис рече дека постојат директни контакти, а целта е да ги приближат двата народи.

- Сакам да го изразам моето задоволство, како за напорите што двете страни ги направија за зајакнување на нашата билатерална соработка, така и за директната комуникација на повеќе нивоа и секако на наше ниво, на министрите за надворешни работи. Ги препознаваме тешкотиите кои продолжуваат да постојат. Но, дури и кога не наоѓаме лесно решенија, разговараме свесни за нашата историска одговорност кон нашите народи и идните генерации, со свесност за потребата во овие времиња на повеќекратни кризи да придонесеме за мирот, стабилноста, зачувувањето на меѓународното право и просперитетот на народите, истакна Герапетритис.

Шефот на турската дипломатија рече дека треба да се искористи „историската можност што ја имаме пред нас“ и позитивната клима во билатералните односи да стане постојана.

- Односите меѓу Турција и Грција одат кон позитивна насока. Континуирано се зајакнува нашата повеќедимензионална соработка. Правиме важни чекори во областите како што се трговијата, економијата, транспортот, туризмот, културата. Работиме за создавање нови полиња на соработка. Вложуваме напори за меѓусебно подобро да се разбереме за клучните прашања. Во регионот во кој се наоѓаме постојат разни проблеми, во оваа тешка географија Турција и Грција треба да се движат во рамките на меѓусебна доверба. Можеме да придонесеме во просперитетот на нашите народи вин-вин пристапот, рече Фидан.

Шефовите на двете дипломатии разговарале и за поширокиот регион, за Балканот, како и за ситуацијата на Блискиот Исток.

По средбата и заедничката прес-конференција, двајцата министри имаа и работен ручек.

На крајот на септември, на маргините на Генерално собрание на ОН, средба остварија премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис и претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, кога меѓу другото, одлучија да ги задолжат министрите за надворешни работи на двете земји, Јоргос Герапетритис и Хакан Фидан да започнат подготовки за свикување на следниот Висок совет за соработка Грција-Турција, што ќе се одржи во Анкара во јануари 2025 година, врз основа на Атинската декларација потпишана минатата година во Атина. ср/

Остани поврзан