• среда, 20 ноември 2024

Георгиески најави повеќе зелени површини во Охрид преку проектот „Зелена оаза“

Георгиески најави повеќе зелени површини во Охрид преку проектот „Зелена оаза“
Охрид, 11 октомври 2021 (МИА) – Како власт покажавме на дело дека сме посветени на сите важни сегменти од општественото живеење, особено за заштитата на животната средина и природните богатства на нашиот регион. Грижата за почиста животна средина е клучна за поквалитетен живот на жителите и создавање на убав животен простор. Продолжуваме да преземаме мерки за спроведување на современи еколошки стандарди какви што му доликуваат на еден културен и туристички центар. Тоа на денешната прес-конференција го истакна кандидатот за градоначалник на Охрид на коалицијата предводена до СДСМ, Константин Георгиески. Актуелниот градоначалник го посочи проектот „Зелена оаза“ како еденод приоритетите на неговата изборна програма што предвидува уредување на паркови и зголемување на градското зеленило во Охрид. - Предвидуваме уредување на парк зона на потегот на Студенчишкото блато. Веќе е започната процедура за носење на Закон за прогласување на блатото за Парк на природата, со што ќе се овозможи негова поголема заштита. Со цел да се обезбеди соодветна промоција на вредностите на блатото и истите да се презентираат пред туристите, во зоната која ќе биде предвидена за активно управување предвидуваме уредување на репрезентативна локација, интересна за посети и за збогатување на туристичката понуда на градот, рече тој. Споре Георгиески, се преземаат мерки за уредување на Парк-шумата на охридското „Кале“, како простор со голем потенцијал за рекреација на жителите и нуди неповторливи прошетки за туристите. - Преку сепофатна анализа на стручни лица и наменски проект, пристапуваме кон обновување и пошумување на овој дел со нови дрвја и зеленило. Планирани се нови пешачки патеки, соодветна урбана опрема, осветлување, како и видиковци на најатрактивните панорамски локации, рече Георгиески. Во проектот се предвидува и решение за уредување на зеленилото и просторот во непосредна близина на Билјанините извори, осмислен со нови содржини како атрактивно место за прошетки, одмор и рекреација и значително ќе ја зголеми понудата за туристите. Мешу другото тука се и проектите за парковско уредување на слободниот простор во близина на спортски центар Билјанини извори, со нов дрворед, хортикултурно уредување на просторот, нови патеки, фонтани, урбана опрема и останати еко-содржини, потоа уредување на нова парк зона во рамки на комплексот „Градски парк Касарна“, како и проширување на постојните зелени зони по должина на Градскиот кеј и подигање на нови дрвореди на повеќе улици во центарот на градот и периферната област. аб/ац/

Остани поврзан