• недела, 01 септември 2024

Георгиески ги повика охриѓани да го одберат најдоброто за својот град, да гласаат за зрели политичари со визија и план

Георгиески ги повика охриѓани да го одберат најдоброто за својот град, да гласаат за зрели политичари со визија и план
Охрид, 15 октомври 2021 (МИА) – Градоначалникот на Охрид и кандидат за втор мандат на претстојните Локални избори в недела, Константин Георгиески денеска во име на Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ ги повика граѓаните на Охрид да го одберат започнатиот пат кон развој и подобра иднина за сите. - Дојде време на вистинскиот избор, дојде време на вистинската одлука за Охрид. Дојде време да го изберете најдоброто за вас, за Охрид, за нашата татковина. Во недела вие одлучувате, дали одиме напред или се враќаме назад. Вие одлучувате дали нашиот град ќе продолжи со започнатиот развој и подобра иднина за сите или ќе се врати во неизвесност и деструкција, рече тој. Георгиески уште посочи дека реализираното е видливо, граѓаните добро знаат како се работело и што е реализирано. -  Вие добро знаете и видовте кој работи за доброто на градот и охриѓани, а кој бега од одговорност и работи само за освојување на нова функционерка фотелја. Нашата борба за Охрид е реална, а тие и на овие локални избори покажаа дека на цена им се само нивните лични интереси. Доколку толку го сакаа Охрид зошто не поднесоа оставка на функциите кои ги имаат, туку чуваат резервна фотелја и си играат со довербата која им ја довериле граѓаните. Ние сме многу поразлични од нив затоа што не се поколебавме во ниту еден момент. Во Охрид е инвестирано како никогаш до сега и покрај сите турбуленции, проектите не застанаа ниту еден момент и постигнавме реализација каква што немало во цела претходна деценија, истакна Георгиески. Истовремено тој ги повика граѓаните да не дозволат Охрид повторно да се врати во несигурност и во рацете на незрели политичари без визија и план. - Ние сме тие кои ги реализираат проекти. Ние сме тие кои градат улици, канализации, водоводи, реконструираат училишта. Ние сме тие кои обезбедуваат подобри услови за развој на туризмот и подобра социјална сигурност за сите граѓани. Ние сме тие кои носат храбри одлуки и затоа од нас знаете што може да очекувате. На спротивната страна се политичари полни со омраза и очај, кои ќе го однесат Охрид во непознат правец, затоа што немаат концепт, немаат програма, а немаат ни дефиниран став и јасен одговор за ниту едно стратешко прашање за Охрид. Тие знаат да кажуваат само лаги, манипулации и популизам. Tие имаат капацитет да снимаат само реклами во нивната Бела палата, изградена со вашите пари, рече Георгиески во завршното обраќање до граѓаните пред настапувањето на предизборниот молк. аб/aa/

Остани поврзан