• сабота, 28 декември 2024

Георгиевски: Изградба на здравствен дом и училишна амбуланта во општина Илинден

Георгиевски: Изградба на здравствен дом и училишна амбуланта во општина Илинден
Скопје, 30 септември 2021 (МИА) - Пред моите сограѓани од Илинден, настапувам со програма која е составена од проекти чија цел е да го подобриме животот во нашата општина, рече на денешната прес-конференција кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ за градоначалник на општина Илинден Александар Георгиевски. Овие проекти, посочи тој, се внимателно осмислени и направени во соработка со граѓаните на Илинден. Како најважни ги издвои прокетите за изградба на фекална и атмосферска канализација, подобрување на водоснабдувањето во сите населени места во Илинден, реконструкција, рехабилитација и изградба на локални улици и патишта, на клучки и кружни сообраќајници. Исто така и изградба на здравствен дом, кој ќе содржи примарна здравствена заштита и дежурна служба, отворање школска амбуланта, набавка на амбулантно возило за брза помош со цел брзо и навремено давање итна помош на жителите во Илинден. - Системската поддршка за спортистите, спортските клубови и здруженија, како и изградба на стадион со трибини и други спортско-рекреативни содржини, нови велосипедски, пешачки и трим патеки, како и доделување на 1000 субвенции за граѓаните за купување на велосипеди ќе биде наш врвен приоритет. Многу нови паркови и зелени површини во сите населени места, како и обврска од најмалку 30 посто зелени површини во сите идни урбанистички планови во општината. Развој на инфраструктурата во економските зони, како и отворање нови зони, исто така ќе ни биде приоритет. Реконструкција на сите основни училишта, модернизација на образовниот процес, како и воведување на целодневна настава во ООУ „Гоце Делчев“ во Илинден. Финансиска поддршка за младите брачни парови, формирање на младински совети и отворање на младински канцеларии, додава Георгиевски. Еден градоначалник за да може да ја спроведе својата визија и програма, како што рече, мора да ја има поддршката и од Советот на општината. - Затоа, потребна е и поддршка за Советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на  Македонија“. Затоа, на 17 октомври, ги повикувам граѓаните, со заокружување на бројот 7, да го дадат својот глас за напредок, да гласаат за проекти, да гласаат за поубав, почист и поразвиен Илинден, рече Георгиевски. мс/лв/  

Остани поврзан