• недела, 24 ноември 2024

Георгиева: Економиите треба да бидат поотпорни на можни шокови

Георгиева: Економиите треба да бидат поотпорни на можни шокови
Вашингтон, 4 февруари 2022 (МИА) - Прерано е да се процени дали светот се соочува со долг период на висока инфлација, рече шефицата на ММФ Кристалина Георгиева, предупредувајќи дека неотпорноста на економиите на идни шокови може да доведе до големи проблеми.
- Владите и централните банки мора внимателно да ја приспособат фискалната и монетарната политика во 2022 година, така што општите намалувања на мерките за поддршка и зголемувањето на клучните каматни стапки не го загрозуваат закрепнувањето, изјави извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд.
Според неа, „околностите се многу променети во споредба со 2020 година, првата година од пандемијата, кога министрите за финансии и гувернерите на централните банки ги координираа и синхронизираа мерките, така што денешните потези бараат поголема специфичност“.
- Инфлацијата трае подолго и зајакна повеќе од очекуваното поради прекините во синџирите на снабдување, неочекувано силната побарувачка за стоки и климатските шокови кои се одразија на цените на храната, рече Георгиева.
На прашањето дали овие околности и ескалацијата на кризата во односите меѓу Русија и Западот поради Украина може дополнително да го продолжи периодот на висока инфлација, таа одговори дека се уште е рано да се проценува.
- Можеме да очекуваме свет подложен на шокови. Поголемото инвестирање во отпорноста на луѓето, економијата и животната средина ќе помогне да се отворат повеќе можности за нови работни места и просперитет, рече Георгиева, додавајќи дека „ако не се контролира, изгледите ќе бидат помрачни, што ќе резултира со повеќе неочекувани настани за кои нема да бидеме подготвени“.
Таа смета дека владите не се добро подготвени да се справат со повеќе кризи одеднаш.
- Пандемијата на Ковид-19 останува најголемиот ризик со кој се соочува глобалната економија, па затоа е императив да се засилат напорите за подобрување на опфатот со вакцинација во земјите со ниски приходи и да се исполни целта од 70 проценти на вакцинирани луѓе во земјите низ светот до средината на 2022 година, рече Георгиева. Минатата недела ММФ значително ги намали прогнозите за Соединетите Американски Држави, Кина и глобалната економија, предупредувајќи и на ризиците кои носат неизвесност поврзана со пандемијата, инфлацијата, прекините на снабдувањето и заострената монетарна политика во САД. паг/
 

Остани поврзан