• четврток, 26 декември 2024

Геодетска комора: Да се донесе новиот тарифник за работа на приватните геодети

Геодетска комора: Да се донесе новиот тарифник за работа на приватните геодети

Скопје, 27 декември 2023 (МИА) - Раководството на Комората на трговски друштва за геодетски работи денеска побара да се донесе новиот трафиник за работа на приватните геодетски компании.

 - На 15 месецов конечно е усвоен новиот Тарифник од страна на Управниот одбор на Агенцијата за катастар. По ова усвојување, Тарифникот треба да биде доставен до Владата на РСМ, на негово конечно усвојување, но туку повторно се прави опструкција и документот се чува во нечија фиока, истакна претседателот на Комората на трговски друштва за геодетски работи, Никола Рибаровски.

Даваат рок до 20 јануари 2024 година да биде донесен тарифникот од страна на Владата и веднаш, како што рече, да бидат прекинати репресивните мерки од раководството на Катастарот кон приватните геодетски компании. Во спротивно, рече дека Комората ќе го организира своето членство на преземање радикални чекори за што јавноста ќе биде дополнитлено информирана пред истекот на овој рок. 

Според него, директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Борис Тунџев пред два месеца целосно неосновано и спротивно на законоската регулатива, вторпат и ги одзел јавните овластувања на Комората. Одлука за одземање на надлежностите била донесена и во 2021 година, но Комората тогаш, како што велат, по судски пат, најпрво со времена мерка, а потоа и со конечна пресуда ги вратила назад одземените јавни овластувања.

Во април годинава, како што рече, Агенцијата исплатила судски трошоци на Комората, од државна каса, затоа што во судска постапка се докажало дека тоа е направено спротивно на законот.

 - Но и покрај тоа шест месеци подоцна директорот на Катастарот повторно го прави истото. Надлежностите на Комората овој пат се одземени, затоа што директорот на Катастарот не дозволува да се почитува мислењето на Државната комисија за спречување на корупција која утврди дека во Управниот одбор на Комората не треба да има тројца претставници на Агенцијата, поради постоење на судир на интерес, за што побара да се направат и итни законски измени, појасни Рибаровски.

Тој нагласи дека по овој став на Комисијата претставниците на Агенцијата престанале да одат на седниците на Управниот одбор, по што Собранието на Комората ги разрешило од функциите.

Од Комората тврдат дека „во последните десет дена се прават вонредни контроли за да се најде каква било грешка кај фирмите, а за две компании се води постапка за одземање на лиценците за работа за сторени ситни прекршоци, без соодветен правен основ. сан/лв/

 

Фото: МИА

Остани поврзан