• сабота, 23 ноември 2024

Геноцидот во Сребреница: Резолуцијата на ОН предизвика дебата низ Балканот, ЕУ со цврст став 

Геноцидот во Сребреница: Резолуцијата на ОН предизвика дебата низ Балканот, ЕУ со цврст став 

14 јули 2024 

ЕНР - Брисел 

Точно 29 години по масакрот во Сребреница, Генералното собрание на ОН усвои Резолуција за геноцидот во Сребреница и прогласи Меѓународен ден на сеќавање и одбележување на жртвите. Гласањето се покажа контроверзно низ балканските земји, но ЕУ јасно го изрази својот цврст став со официјална изјава - „нема место“ во ЕУ за оние кои го негираат геноцидот во Сребреница и се обидуваат „одново да ја напишат историјата“. 

Европа и светот ја одбележаа 29-тата годишнина од геноцидот во Сребреница, често опишуван како најлошото злосторство извршено на европската почва по Втората светска војна. Церемонии се одржаа и во Меморијалниот центар Поточари во Босна и Херцеговина (БиХ), како и во многу други европски земји и САД. 

Масакрот се случи во босанскиот град Сребреница на 11 јули 1995 година и во текот на наредните денови. Повеќето од жртвите беа бошњачки мажи и момчиња - босански муслимани - одвоени од жените, девојчињата и малите деца кои пак беа пренесени со автобус на територијата контролирана од босанската армија. 

Според Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија во Хаг, околу 8000 Бошњаци биле убиени во масакрот од страна на српски сили од БиХ. Институтот за исчезнати лица во БиХ посочува дека сè уште се трага по уште околу 800 жртви. 

Останките на 14 жртви на геноцидот, идентификувани во текот на минатата година, вклучувајќи и останки на едно малолетно лице, беа погребани на 11 јули 2024 во Меморијалниот центар во Поточари заедно со 6,751 останати жртви. 

Војната во БиХ меѓу Хрватите, муслиманите (Бошњаците) и Србите одзеде околу 100,000 животи помеѓу 1992 и 1995 година. Речиси три децении од крајот на војната, балканската нација и понатаму останува длабоко поделена по етнички линии. 

ОН ја ставија Сребреница под своја заштита во 1993 година. Мировна единица од Холандија имаше за задача да ги заштити бегалците во енклавата. Но, на 11 јули 1995 година, воените единици на Србите од БиХ ја нападнаа Сребреница. Мировната единица не успеа да ги заштити жртвите. Во 2022 година, Холандија им се извини на семејствата на жртвите за нивниот удел во неуспехот да бидат заштитени. 

Казна за сторителите 

Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија и Меѓународниот суд на правдата законски утврдија дека е извршен геноцид. 

Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија ги осуди тогашниот лидер на Србите од БиХ, Радован Караџиќ, и командантот на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, на доживотна затворска казна. Покрај лидерите, најмалку 47 други инволвирани лица беа осудени за злосторства во Сребреница и добија вкупно повеќе од 700 години затвор. 

Негирање на геноцидот во Сребреница е практично државна политика во Србија и во српскиот дел на Босна и Херцеговина (ентитетот во БиХ каде Србите се мнозинство), познат како Република Српска. Многумина таму ги сметаат сторителите за херои. 

Усвојувањето на резолуцијата на ОН 

Геноцидот во Сребреница од 1995 година во иднина ќе биде одбележуван низ светот на 11 јули, по гласањето на Генералното Собрание на ОН во Њујорк кон крајот на мај оваа година. 

Денот официјално ќе се одбележува од следната година, 30 години по настанот. 

Резолуцијата напишана од Германија и Руанда - земји синонимни за геноцид во 20-от век - доби 84 гласа „за“, 19 „против“ и 68 „воздржани“ со што 11 јуни е прогласен за „Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница“. 

Меѓу поддржувачите беа САД, Велика Британија, поголемиот дел од ЕУ, бројни муслимански земји и цела поранешна Југославија, со исклучок на Србија. Кина, Русија и Унгарија (членка на ЕУ) гласаа против. Три земји членки на ЕУ - Кипар, Словачка и Грција гласаа „воздржано“. 

Гласањето ја разбранува меѓународната јавност и предизвика полемика меѓу балканските земји. Некои земји зазедоа различни внатрешни позиции, на пример Бугарија, каде според пишувањата на медиумите, кабинетот на техничкиот премиер Димитар Главчев се обидел да се повлече од гласањето. 

Извори тврдат дека во телеграма од Главчев до постојаната претставничка на ОН во Бугарија, Лачезара Стоева, се бара промена на позицијата на Бугарија во последен момент пред гласањето за резолуцијата. Стоева наводно ги игнорирала инструкциите на Главчев и Бугарија ја поддржа Резолуцијата, како коавтор. 

Коментирајќи го ставот на Бугарија, претседателот на државата Румен Радев рече дека е несоодветно Владата да покажува колебање и недоследност со оглед на тоа што земјата е коавтор. 

Тензии меѓу Србија и Босна и Херцеговина 

Усвојувањето на резолуцијата наиде на жестоко противење од српската Влада и лидерите на Србите од БиХ, кои постојано го минимизираат злосторството и одбиваат да го признаат како геноцид.  

Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој отпатува во Њујорк специјално за гласањето, остро го нападна текстот, тврдејќи дека Резолуцијата нема да донесе помирување помеѓу Бошњаците и Србите во БиХ, туку само ќе ја „отвори Пандорината кутија“ и „ќе поттикне поделба и регионална криза на Балканот“. 

Минатиот април, Парламентот на Република Српска усвои документ во кој се негира геноцидот во Сребреница, кој пак е признаен како докажан од страна на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија. 

Документот исто така тврди дека жртвите од масакрот не биле цивили, што судот во Хаг го смета за докажано, туку „воени затвореници“ и ја проценува нивната бројка „помеѓу 1,500 и 2,000, најмногу 3,000“ (во споредба со 8,000 жртви утврдени од судиите во Хаг). 

Противречни ставови во Босна и Херцеговина 

Одбележувањето на геноцидот во Сребреница на 11 јули не се одржува официјално на државно ниво во БиХ поради длабоките политички поделби во земјата. 

Петта година по ред Советот на министри на БиХ не донесе одлука да го прогласи 11 јули за ден на жалост. Овој предлог беше одбиен поради правото на вето на претставникот на Република Српска. 

Народното собрание на Република Српска усвои изјава против Резолуцијата на ОН, а претседателот на тој ентитет Милорад Додик изјави дека усвојувањето на Резолуцијата ќе предизвика огромна штета и ќе го „означи крајот на БиХ“. Тој се закани и дека Република Српска ќе се оддели од БиХ. 

Од друга страна, бројни локални и меѓународни претставници ја нагласуваат важноста на одбележувањето на геноцидот во Сребреница, бидејќи служи како потсетник за континуираната посветеност на изградба на побезбедна и поправедна иднина за сите. 

ЕУ предупредува: „Нема место“ во Унијата за оние кои го негираат геноцидот во Сребреница 

Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји излегоа со заедничка изјава на годишнината на геноцидот. 

- Геноцидот во Сребреница е еден од најмрачните моменти во модерната европска историја. Ги повикуваме лидерите да ја отфрлат реториката на поделба и да дејствуваат кон вистина, правда, доверба и дијалог, стои во изјавата. „Нема место“ во ЕУ за оние кои го негираат геноцидот во Сребреница и се обидуваат „одново да ја напишат историјата“ и „да ги величаат воените злосторници“, рекоа Борел и Вархеји. 

Тие исто така потсетија дека договорот на лидерите на ЕУ за отворање на преговорите за членство на БиХ во март 2024 година е „клучна можност“ земјата да „напредува со реформите“ кои ја зајакнуваат демократијата. 

- Ја повторуваме нашата недвосмислена посветеност на иднината на Босна и Херцеговина во ЕУ како единствена, обединета и суверена земја, рекоа тие. 

Понатаму, Европската комисија, во вторникот на прес-конференција го постави прашањето за „можноста за суспендирање“ на преговорите со Србија доколку властите во земјата се противат на осудата на геноцидот, потврдувајќи за можни реперкусии врз соодветните оценки за пристапување. 

- Ако некој дејствува против принципите и основните критериуми на ЕУ, тоа ќе се одрази врз препораките на Комисијата или на одлуките на земјите членки при одлучувањето за чекорите кои треба да се следат за таа конкретна земја, изјави портпарол на Европската комисија. 

Европските лидери понатаму истакнаа дека „лекување на раните од минатото“ бара „препознавање и учење на историски факти, почитување и сеќавање на жртвите, идентификување на оние кои сè уште се сметаат за исчезнати и осудување на сите сторители“. 

На конференцијата за геноцидот, што се одржа во Сараево во пресрет на 29-годишнината на случувањата во Сребреница, претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, истакна дека меѓународната заедница има должност да ги спречи сите геноциди. Таа додаде дека ова е важно не само поради злосторствата што се случија во Сребреница, туку и поради злосторствата предизвикани од прекршеното ветување дека тоа никогаш нема повторно да се повтори низ светот. 

Пирц Мусар повика на континуирани напори за признавање и спречување на геноцидите и заштитата на колективното човечко достоинство, осврнувајќи се на ситуацијата во Газа. - Она што се случува во Газа е пораз за човештвото. Политичарите мора да престанат „да ја вртат главата“ и мора да дејствуваат против геноцидното однесување, порача таа. 

Фото: ЕНР

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан