• недела, 24 ноември 2024

Генерал-потполковник Ѓурчиновски на конференција на началниците на Генералштабовите на балканските земји Форум Б-9

Генерал-потполковник Ѓурчиновски на конференција на началниците на Генералштабовите на балканските земји Форум Б-9

Скопје, 6 јуни 2024 (МИА) - Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денеска учествуваше на 17. конференција на началниците на Генералштабовите на балканските земји Форум Б-9, која се одржува во албанскиот град Драч.

Како што соопшти Генералштабот, на годинашната конференција се дискутираше за темата „Ангажман на младите во одбранбената безбедност: промовирање на вклучување на младите во одбранбени и безбедносни прашања, поттикнување на иновации и справување со предизвиците на пополнување и задржување на персоналот во армиите“, како и за годишните извештаи од постојаните работни групи за асиметрични закани, воено образование, обука и координација.

Генералот Ѓурчиновски во обраќањето ја истакна важноста на меѓусебната соработка и взаемната поддршка во сите области кои се од значење за вооружените сили и безбедноста на регионот.

Во рамки на конференцијата, генералот Ѓурчиновски оствари издвоени билатерални средби со началниците на Генералштабовите на сите земји членки на кои се разговараше за продлабочување на меѓусебните воени соработки, за тековните и понатамошните заеднички активности, стои во соопштението.

Генералот Ѓурчиновски исто така оствари средба и со заменикот на Здружената команда на НАТО во Неапол, генерал-потполковник Стивен Келси, на која се разговараше за нашиот придонес во меѓународните операции и вежби под раководство на НАТО.

Началниците на Генералштабовите на балканските земји на конференцијата, со потпишување на заедничката изјава, ја потврдија цврстата заложба за проширување и зајакнување на воената соработка.

На конференцијата, покрај генералот Ѓурчиновски учествуваа и началниците на Генералштабовите на армиите на Албанија генерал-мајор Арбен Кинџи, на Бугарија адмирал Емил Ефтимов, на Грција генерал Димитриос Чоупис, на Босна и Херцеговина генерал-полковник Гојко Књежевиќ, на Србија генерал Милан Мојсиловиќ, на Турција генерал Метин Ѓурак и на Црна Гора бригаден генерал Зоран Лазаревич и како набљудувачи од армиите на Хрватска и Словенија.

Како гостин на конференцијата присуствувал и шефот на кабинетот на претседателот на Воениот комитет на Европската унија, генерал-мајор Јохан Франк.

На конференцијата воведно обраќање имал албанскиот претседател и врховен командант на вооружените сили Бајрам Бегај и министерот за одбрана на Албанија Нико Пелеши.

Целта на конференцијата, попозната како Форум „Б-9“, е зајакнување на воената соработка на балканските држави преку изнаоѓање на начин на заедничко разрешување на безбедносните предизвици, ризици и закани во регионот. Активностите кои произлегуваат од конференцијата се координирање на заедничка обука и едукација, преку кои се достигнува потребното ниво на меѓусебна интероперабилност, се наведува во соопштението на Генералштабот.

Форумот „Б-9“ е основан по иницијатива на Грција и Турција во 2006 година. Официјално иницијативата е воспоставена со потпишување на „Terms of reference“ од страна на началниците на Генералштабовите на балканските земји на 10 мај 2007 година во Брисел. нд/вг/

Фото: Генералштаб

Остани поврзан