Генералната секретарка на Собранието, Димовска, се сретна со постојаниот претставник на УНДП, Григорјан
- Генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, оствари средба со постојаниот претставник на Организацијата за развој на ОН (УНДП), Армен Григорјан.
Скопје, 3 март 2026 (МИА) - Генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, оствари средба со постојаниот претставник на Организацијата за развој на ОН (УНДП), Армен Григорјан.
Генералната секретарка, посочуваат од собраниската прес-служба, го информира Григорјан за приоритетите на Службата на Собранието, кои произлегуваат од стратешкиот план на Собранието, реформската агенда, стратегијата за дигитализација на Собранието 2026 - 2028, акцискиот план за унапредување на рамноправноста меѓу жените и мажите 2025 -2027. Димовска ја нагласи улогата на двете нови одделенија за процена на влијание на регулативата и одделението за стратешко планирање за навремено подготвување на стратешкиот план на Собранието, како и успешното работење и достигнувањата на службата во изминатиот период.
Григорјан истакна дека УНДП и Собранието веќе соработуваат во повеќе сфери, особено во однос на следењето на националната развојна стратегија, но дека секогаш има простор за унапредување и продлабочување на партнерскиот однос. Тој искажа особено почитување за постигнатите резултати на службата до сега и волја да се најдат сфери за поблиска соработка, кои се во интерес и на граѓаните и на собраниската служба.
Соговорниците се согласија дека меѓусебната соработка се темели на партнерски однос и отворена комуникација.вј/са/
Фото: Собрание