• четврток, 26 декември 2024

Генералка викенд во Општина Карпош

Генералка викенд во Општина Карпош

Скопје, 13 мај 2023 (МИА) - Во организација на „Мен енд маунтен„ со поддршка и учество на Општина Карпош, денеска во општината се одржа големата еко акција „Генералка викенд“ на седум локации. Целта беше да се собере што е можно повеќе отпад, кој потоа ќе се однесе до најблиската ПАКОМАК, Нула Отпад или локалната комунална станица за отпад и каде потоа ќе се измери количината на собраниот отпад. 

Предвидено е за секои 10 килограми отпад, Министерството за земјоделство да донира по едно дрво во својот годишен план за пошумување нови шуми наречени „СОНЧЕВА ГОРА“ - национални зелени споменици што ќе растат секоја година.

-Во моментов се случува пролетна акција за чистење на Општина Карпош, и сите вработени во општината се вклучени низ целата територија на истата. Се собира и најмалото хартивче, иако со задоволство можам да истакнам дека нашата општина е една од најчистите општини. Среќни сме што имаме поддршка и од најмалите, оние кои несомнено треба да се грижат за хигиената и природата. Од она што на терен сега собираме најголем дел се најлончиња од опаковки од цигари, отпушоци, запалки, што значи дека пушачите се најнеодговорната група кои се жители на Општина Карпош или кои поминуваат низ оваа општина Би сакал да упатам апел до нив, секое хартивче да се стави во џеб и да се фрли во најблиската корпа, рече градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски кој потсети за зеленилото во оваа општина, односно косењето кое ќе се одвива и во наредниот период.

Би сакал да напоменам, додаде, и за зеленилото.

-Се наоѓаме во период кога имаме бујна вегетација, и поради тоа екипите не можат да стигнат да ги искосат во еден ден, или една недела сите кои ги имаме на наша територија, а верувајте, многу се. Имаме 13 косачи и две возила со кои се коси, во претстојниот период очекуваме да пристигне новата опрема со која ќе бидеме побрзи и поактивни на овој план, посочи Јакимовски.

Со низа активности, оваа годишна акција, локалната самоуправа ќе ја одбележи три дена, почнувајќи од вчера. Најмалите излегоа и ги исчистија дворовите на своите градинки, а повозрасните деца, дворовите на училиштата. Денеска се вклучи целата администрација, вработените кои се задолжени за хигиената, како и дел од волонтерите на Црвениот крст.

За утре е закажан хуманитарен настан за Никола Ѓорѓиев, во дворот на ООУ ,,Лазо Трповски”.

Оваа година, акцијата ,, Генералка викенд” се спроведува во 53 општини и во повеќе од 400 училишта низ државата, вклучително и во Град Скопје.

Акцијата за чистење е една од активностите што се спроведуваат за да се подигне јавната свест за потребата од собирање и рециклирање на отпадот и позитивно влијание врз зачувувањето на животната средина. Еко акцијата ја поддржуваат општествено одговорни фирми како Пакомак во партнерство со Шпаркасе Банка и Нула Отпад, Пивара – Скопје, Министерството за животна средина и Министерството за земјоделство.вј/

Фото: МИА архива

Остани поврзан