Гвардиола зборуваше за густиот календар на Манчестер сити
- Тренерот на Манчестер сити, Хосеп Гвардиола, пред натпреварот од 26. коло на англискиот шампионат против Вест Хем, зборуваше за пренатрупнатиот календар на тимот.
Манчестер, 27 февруари 2021 (МИА) - Тренерот на Манчестер сити, Хосеп Гвардиола, пред натпреварот од 26. коло на англискиот шампионат против Вест Хем, зборуваше за пренатрупнатиот календар на тимот.
- Имавме само два дена да се одмориме пред натпреварот со Вест Хем, а нашиот противник имаше шест. Дали е ова изговор? Во никој случај. Ова е предизвик што клубовите од Лигата на шампионите мора да го прифатат. Не можете да го користите распоредот како изговор. Секој што ќе рече: „Имаме само два дена да се подготвиме“, не може да биде во овој клуб. Не станува збор за замор, туку за моите барања кон мене и играчите, го цитира „Goal“ Гвардиола.
Натпреварот Манчестер сити - Вест Хем ќе се одигра денес со почеток во 13:30 часот.
По 25 кола во Премиер лигата, Сити е убедливо прв со 59 бода, десет повеќе од второпласираниот Манчестер јунајтед. Вест Хем е на 4. место со 45 бода. зс/