• вторник, 17 декември 2024

Гаши учествува на Парламентарниот самит на НАТО во Вашингтон

Гаши учествува на Парламентарниот самит на НАТО во Вашингтон

Скопје, 9 јули 2024 (МИА) - Во пресрет на Самитот на НАТО, посветен на одбележувањето на 75-годишнината од постоењето на Алијансата, на иницијатива на претседателот на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, Мајк Џонсон и нивната Делегација во ПС на НАТО, вечерва во Вашингтон се одржа Парламентарниот самит на ПС НАТО, на кој учествувале претседателите/спикерите на парламентите на земјите-членки на НАТО и шефовите и замениците-шефови на делегации.

Делегациите од 23 земји-членки и Украина биле претставени на највисоко ниво, со што самиот настан ја демонстрирал високата посветеност на парламентите и нивната активна улога во градењето на светската безбедносна архитектура и промовирање на атлантските вредности.

Како што информираат од собраниската прес-служба, Самитот бил отворен од страна на привремениот претседател на ПС на НАТО, конгресменот Гери Коноли, шефот на американската делегација во ПС НАТО, Конгресменот Мајкл Тарнер и спикерот на Врховната Рада на Украина, Руслан Стефанчук, кои имале поздравни обраќања до учесниците. Во нивните кратки говори акцент бил ставен на војната во Украина, потребата од што поголемо сојузништво во обебедување на потребната помош на Украина во воени капацитети, добри практики, технички експерти, медицинска опрема, реконструкција на енергетскиот сектор.

Во рамки на нивните обраќања, делегациите ги изразиле своите ставови околу актуелните безбедносни предизвици и националните интереси и прилагодувања.

Претседателот на Собранието на Република Севeрна Македонија Африм Гаши, поздравувајќи го одржувањето на овој Самит, во своето обраќање ја истакнал важноста на политиката на отворени врати, постигнувањето на таргетираната цел +2% од БОП за вложувања во воена опрема на секоја земја-членка на НАТО, посветеноста на земјата во промовирање на атмосфера и политика на регионална и глобална стабилност, потребата од суштинско партнерство со Европската Унија со цел да се зајакне нејзината стратешка комплементарност со НАТО и важноста на гласноста на парламентите и парламентарците.

Германскиот Маршал Фонд, во соработка со компанијата „Боинг”, а по повод 75-годишниот јубилеј на НАТО, приредил работен појадок за сите учесници на Парламентарниот самит. На настанот се демонстрираше значењето и важноста на аналитичките институти, фондации и тинк-тенк организации во креирањето на глобалните безбедносни и одбранбени проекти, кои претставуваат солидна интелектуална поддршка на Алијансата во спроведувањето на нејзините активности.

Спикерот на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, Мајк Џонсон и шефот на делегацијата на САД во ПС НАТО, конгресменот Мајкл Тарнер, за учесниците на Парламентарниот самит приредиле прием во зградата на Конгресот на САД. На приемот беа присутни и Гери Коноли, вршител на должност претседател на ПС НАТО и Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Тие со свои пригодни обраќања ги поздравија присутните и ја одбележаа 75-годишнината на Алијансата, притоа потенцирајќи ја безусловната поддршка на Украина и улогата на сите сојузнички и партнерски земји во градењето и одржувањето на глобалната безбедност.

По завршувањето на Парламентарниот самит, шефовите и замениците-шефови на делегациите одржале специјален состанок на Постојаниот комитет, на кој се усвоиле статутарни и деловнички промени, со кои се формираше привремено врвно раководство на ПС НАТО, поради одредени кариерни промени кај досегашното. За привремен претседател на ПС НАТО беше определен конгресменот Гери Коноли, а сите останати одлуки ќе бидат верификувани на претстојната Годишна сесија на ПС НАТО во Монтреал, Канада.

На состанокот учествуваше и пратеникот Миле Талевски, заменик-шеф на Делегацијата на Собранието во ПС НАТО. 

Самитот е посветен на изнаоѓање одговори на предизвиците со кои се соочува Алијансата и дополнително да се зајакне одвраќањето и одбраната на НАТО.фф/цр

Фото: Собрание

Остани поврзан