• четврток, 19 декември 2024

Гаши: Сакам да ја вратиме довербата на граѓаните во Собранието и тоа да биде најпочитувана институција 

Гаши: Сакам да ја вратиме довербата на граѓаните во Собранието и тоа да биде најпочитувана институција 

Скопје, 31 мај 2024 (МИА) – Ќе бидам тој ќе ја коригира власта, надзорот над работата на Владата е најбитна функција на Собранието. Ќе ги викаме министрите често за да ги прашаме за решенија за проблемите. Имам идеја, волја, имам многу политичка определба тоа да го направиме, изјави претседателот на Собранието Африм Гаши кој функцијата ја презеде во вторникот.

Во интервју за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма вечерва Гаши истакна дека ќе работи со позитивен пристап и со добрина, консензуално и отворен за соработка со сите партии, вклучително и за опозициските затоа што, рече, во Собранието треба да бидат сите рамноправни. 

-Ќе го водам Собранието како прв меѓу еднаквите, ќе настојувам да бидам отворен со сите, особено да бидам глас на политичкото малцинство и на опозициските партии за да почувствваат дека Собранието е исто за сите. Раката е широко отворена за соработка, но за тоа требаат двајца, рече Гаши.

На прашањето што ќе биде со незавршените 46 седници од претходниот собраниски состав и 130 акти кои се во процедура, одговори дека ќе разгледаат кои се предлагачите на тие закони, дали ќе останат тие што се предложени од Владата или новата Влада нив ќе ги повлече или ќе се понудат нови решенија. 

-Ќе разговараме со нив и во координација со сите политички партии што ќе правиме со тие акти, рече Гаши и додаде дека нема да продолжи со праксата тој да одлучува автократски според тоа дали нешто му се допаѓа или не.

-Секогаш има можност за блокада, но јас не размислувам деструктивно, туку проактивно и конструктивно. Ќе настојуваме да има таква енергија и таков пристап. Сакам да ја вратиме довербата на Собранието кај граѓаните и тоа да биде најпочитувана институција во државата. Верувам ќе постигнеме големи успеси и тоа ќе го видиме по четири години. Ќе гоотвориме Собранието – тоа ќе биде агора на дебати, тоа е мојот сон. Дали во тоа ќе успееме зависи и од сите, а ние ќе дадеме се од себе, истакна претседателот на Собранието. 

Соопшти дека в понеделник ќе има прва официјална координативна средба со парламентарните партии за да разговара кога би се одржала првата собраниска седница, со кој дневен ред и закони кои се приоритетни. Пред формирањето на Владата, очекува Собранието да го донесе новиот Закон за организација на работата на органите на државната управа и според него да се изгласа новата реорганизирана влада и да бидат избрани нејзините членови. 

-Мислам дека има слух од сите политички партии и ќе се донесе, претходно пратениците ќе имаат време да го видат и да дебатираат. За овој закон, како и за сите други закони сакам да имаме консензуален пристап, рече Гаши во интервјуто.

Следни за дебата во Собранието би биле измени на Законот за локална самоуправа за да се најде преодно решение, да не се распишуваат избори само за неколку месеци мандат односно до одржувањето на локални избори во целата држава наредната година, во оние општини каде градоначалниците ќе станат министри. 

-Треба да се најдат законски измени за да не ги тераме гласачите на секои шест или осум месеци да излегуваат на гласање, додаде Гаши. хс/нд/

Фото: принтскрин / Топ тема

 

 

 

Остани поврзан